Браќа,

Ни пристигна светлиот празник на Христовиот воин и маченик Димитриј, кој со својата вера сè што постои просветлува и со својата љубов нѐ поттикнува кон вечниот живот.

Овој преблажен маченик за Христа, Димитриј, уште од мали нозе стекнуваше знаења и растеше како доброплодна лоза, напојувајќи ги сите со духовна сладост, додека умот му цветаше како прекрасен крин (Осија 14, 6). Со својата благоухана љубов ги привлече сите кон верата Христова. Беше украсен со Христовата добрина, а со убавината на лицето блескаше како ангел. Од него бликаше мудрост – како од скровиште што носи живот. Тој стоеше далеку од секоја нечистотија и телесна похота. Насочувајќи го својот ум кон возвишеното, тој го бараше прародителското место и достоинство, од кое отпадна прародителот Адам. Од раните зори, тој целото свое срце го оддаваше на молитвата кон воплотеното Слово Божјо, секогаш воспитувајќи се со псалми, химни и духовни песни, и секојдневно велејќи: „Ќе те возљубам, Господи, крепост моја! Господ е моја тврдина и мое прибежиште, Он е мојот Избавител“ (Пс. 17, 2-3) „Срцето мое се надеваше на Него, и Тој ми помогна, и моето срце се радуваше; а јас ќе Го прославувам со мојата песна“ (Пс. 27, 7).

И сите, чудејќи се на посебната светлост на неговото лице, пламнуваа од љубов, сакајќи да се приближат до него и да се приопштат кон животворните слова, кои како мед потекуваа од неговата уста. Тој пак, со радост ги учеше, велејќи:

„Вие, возљубени мои браќа, немој да паднете во соблазна гледајќи ги овие богоомразени цареви, кои се помрачиле од демонската измама, кои отстапија и се одвратија од Бога, Кој ги создаде небото, земјата и морето од ништо. Тие се оддалечија од Него, и беа измамени и поробени како обичните луѓе, и си направија идоли. Еве, гледате дека идолите имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат; имаат уши, но не слушаат; имаат нозе, но не чекорат. Слични на нив нека бидат оние што ги прават, а такви нека се и оние што се надеваат на нив (Пс. 113, 13-16). А вие, браќа, познајте Го Бога, Кој не живее во ракотворни храмови, ниту прима служба од човечки раце и е неискажлив во Својата божественост и сила. Тој не можеше да гледа како човечкиот род им робува на демоните. И затоа, спуштајќи ја небесата, слезе Самиот, примајќи плот од Светата Дева и обновувајќи ја човечката природа се уподоби на нас. Бессемено воплотувајќи се, Тој истовремено беше и Бог и човек, за да нè грабне неповредени од сатанската измама. Тој благоволи да претрпи распнување и смрт за нас, убивајќи ги нашите престапи. Но, бидејќи по природа е бесмртен, Тој воскресна од мртвите, се вознесе на небото и седна од десната страна на Отецот. Тој го одреди и востанови денот, во кој ќе дојде да им суди на живите и мртвите, за да му даде секому според неговите дела“.

Со такви поуки, откако ги утврди сите во верата, свети Димитриј стануваше уште посветол, и блескаше со својата духовна сила повеќе и од сонцето. Такви се поуките од овој богогласен јазик! Таква е неговата неискажлива и одговорна душа! Затоа и Господ врз него ја сложи привлечната убавина, сакајќи да ја украси неговата пречиста глава со двоен венец. Тој му рекол: „Добар и верен слуго… над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар“ (Мт. 25, 21).

Дошло времето на неговото пресветло венчание со маченичкиот венец. Максимилијан Херкулиј ги порази Готите и Савроматите и слезе при Римјаните во градот Солун. Бидејќи бил богохулник и обожавател на демоните, тој почнал да ги принудува сите да принесат жртва на скверните демони. Го известија за блажениот Димитриј и му рекоа: „Тој не само што ги хули нашите богови, туку и постојано го бунтува целиот град; тој почитува друг Бог – Исус“. Идолопоклоникот Максимилијан се разгневил, па наредил да го доведат Димитрија и му рекол: „Твојата убавина и изразот на твоето лице ме тераат да те љубам; ако заедно со мене принесеш жртва на моите богови, на кои им служат сите благородници, ти ќе бидеш прв во мојата палата и ќе ја добиеш највисоката позиција“. А блажениот Димитриј му одговорил: „Царе, напишано е дека боговите што не ги создадале небото и земјата ќе пропаднат!“ (Ерем. 10, 11) Зашто тие се идоли, дело на човечки раце. Тие имаат очи, но не гледаат; имаат уши, но не слушаат; тие не пуштаат глас од својата уста; подобни на нив станаа оние што нив ги почитуваат“ (Пс. 113, 12-16). Менувајќи го изразот на своето лице, царот наредил Димитриј да биде затворен. И таму тој се закити со победничкиот венец.

Откако го заврши доброто исповедање и подвигот, тој го утврди во победата на крстот и Христовиот воин – светлозарниот свој сопатник Нестор. Десната рака на Севишниот и двајцата ги круниса со силата на Светиот Дух и преку нивните чудеса духовно го развесели светот.

Откако сега се собравме во нивни спомен, радосно и едногласно да изречеме пофалба за нив:

Радувај се, Димитрије, светлозарно сонце, што го прогонуваш гревовниот мрак од оние кои со топла љубов те почитуваат!

Радувај се, непрестаен огну, кој со своето благочестие ги просветлуваш сите!

Радувај се, пресветол маченику Димитрије, кој со доброто исповедање на верата го изврши овој пресвет подвиг и заслужено се закити со нераспадливиот венец! (1. Тим. 6, 12-13; 1. Кор. 9, 25).

Радувај се, сечесен благоугоднику Христов Димитрије, прославен со својата правилна вера, кој поради прободувањето во ребрата се уподоби на прободениот заради целиот свет – Христа!

Радувај се жесток посреднику на сите растажени, кои бараат засолниште под твојата закрила!

Радувај се вечен извору, кој излева бројни млазови на исцеление за сите кои се обземени од душевните страдања!

Радувај се, цврста осново на својата татковина, кој како вистински пастир ја полагаш душата за стадото Христово, велејќи: „Или заедно со спасените ќе се спасам, или заедно со загинатите ќе загинам!“ Зашто таква беше твојата најсвета желба, да го запазиш словото Христово, подвизувајќи се во љубов, како што рекол Господ: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, оти не можат да ѝ направат ништо лошо на душата; туку бојте се повеќе од оние кои можат и душата и телото да ги фрлат во геената; од тоа плашете се “ (Мат. 10, 28; Лука 12, 4-5).

Така и ти, Димитрије, пречесен Христов страдалнику, помоли се усрдно за нас, кои со вера и љубов ја славиме твојата смрт, барајќи милост и прошка за нашите гревови. Заштити нè од сите страдања и неволји, па запазени здрави преку твоите молитви, да го славиме името на Пречистата и Света и Животворна Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Свети Климент Охридски