• Бидејќи многупати имате изразено желба да осознаете што значи, според апостолот, законот да е духовен (Рим. 7, 14), и што треба да знаат и да прават оние што сакаат да го исполнуваат, решив да ви кажам по нешто според своите можности.
  • Како прво, знаеме дека Бог е почеток, средина и крај на секое добро. Доброто може да стане делотворно и во него може да се верува само во Исуса Христа и во Светиот Дух.
  • Луѓето од Господа го примаат секое добро според Неговата промисла. Кој вака верува, никогаш нема да го изгуби.
  • Цврстата вера е силна тврдина. За оној што верува Христос е сè во сè.
  • Со секој твој потфат нека раководи Оној Кој управува со секое добро, за да биде според Бога она што си го започнал.
  • Смиреноумниот и оној што чини духовни дела, сè што ќе прочита во Божественото Писмо го доведува во врска со себе, а не со другите.
  • Повикувај кон Бога за да ги отвори очите на твоето срце, и да ја видиш корисноста од молитвата и од читањето кои преку искуство се сфаќаат и разбираат.
  • Оној што има некаков духовен дар и сочувствува со оние што го немаат, со таквото сочувство го чува својот дар. Надуениот, пак, ќе го изгуби поради надмени помисли.
  • Устата на смиреноумниот човек ја говори вистината, а оној кој ѝ противречи на вистината е сличен на слугата што го удри Господа по лицето (Јован 18, 22).
  • Не биди ученик на оној што се фали самиот себе, за да не се научиш на гордост, наместо понизност.
  • Не вознесувај се со твоето срце затоа што ги познаваш Писмата, за да не паднеш со својот ум во замката на духот на хулењето.
  • Не обидувај се да решиш било каков проблем со посредство на спорот, туку со помош на средствата кои ги налага духовниот закон, т.е. со трпение, молитва и непоколеблива надеж.
  • Оној што се моли телесно и кој сè уште нема духовно знаење, е сличен на слепиот кој повикува: Синe Давидов, помилуј ме (Лука 18, 38).
  • Гледајќи го Господа, поранешниот слепец повеќе не му се обраќаше како на Син Давидов, туку го исповедаше како Син Божји и му се поклонуваше (Јован 9, 35-38).
  • Не возвисувај се затоа што во молитва си пролеал солзи, затоа што Христос се допрел до твоите очи, па ти духовно си прогледал.

Свети Марко Подвижник