Не би било претерување ако се тврди дека позади секој настан што го опишува Светото Писмо се крие ликот на Пресвета Богородица. Кога дошло вистинското време, Бог барал човек кој слободно и без принуда би прифатил да соработува со Него. Кога ангелот ѝ ја пренел Божјата одлука на Марија, таа спремно и со леснотија прифатила да стане Негово оружје (Лука 1, 38). Не е тешко да разбереме дека без безусловната соработка на Марија, реализацијата на Божјиот план за спасение на светот би била невозможна.

Секојпат кога христијаните се молат на Пресвета Богородица, тие всушност своите молитви ги упатуваат кон Самиот Бог. Со оддавање почит кон Пресвета Богородица, објавуваме дека го прифаќаме Божјиот план за спасение на светот. Објавуваме дека прифаќаме да бидеме негова алатка, сѐ со цел, за да го ослободиме светот од злото што го угнетува на безброј начини. Секако, Бог е Тој што спасува, но сепак, молитвата „Пресвета Богородицe, спаси нè“ ја манифестира верата дека спасението на светот никогаш не може да се постигне без човечка соработка. Токму заради тоа христијаните ѝ оддаваат почит на Пресвета Богородица. Таа го претставува придонесот на луѓето во Божјиот план за спасение на светот. Божјата интервенција во историјата го спаси светот. Меѓутоа, тоа не се случило само преку Божјата моќ, туку и преку соработката на луѓето, која се остварила во личноста на Марија.

Горенаведената објава јасно покажува дека оној што ја прифаќа соработката не е ослободен од обврските. Како што Самиот Христос вели: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат Словото Божјо и го исполнуваат“ (Лука 8, 21).

Секому му е значи даден благодатниот дар да биде мајка Христова, да се поистовети со Богородица и повторно да го роди Христос во своето време и во својата околина. Потребна е само една храбра одлука, да ја прифати подготвеноста на Марија и да се предаде себеси на служба Божја.

Милтијадис Константину