Браќа и сестри, свети апостол Павле говори: „Еве, сега е денот на спасението“ (2. Кор. 6, 2), односно: денес, веднаш треба да почнеме со покајание.

Кога човек ќе се допре до благодатта Божја, тој мора веднаш да започне со своето покајание и со промената на својот живот, при тоа никако не одложувајќи ја за наредниот ден.

Еве еден одличен пример како се покајала блудницата, која била позната по својот неморален живот во Александрија. Таа одлучила да продаде сè што имала и да ги раздаде парите на сиромашните. Нејзиното покајание било толку силно, што не можела да го поднесе ни самиот изглед на куќата во којашто живеела и грешела. Таа ја оставила куќата и сè што имало во неа, така што и вратата не ја затворила зад себе, па заминала во манастир за да води монашки живот.

Дошла до самата капија на манастирот, затропала на капијата и паднала мртва. А игуманијата на манастирот имала вакво видение: демони и Ангели ѝ пријдоа на оваа мртва жена. Демоните говореле: „Таа нам ни служеше сиот живот, толку ја упропасти својата душа, што не стори ништо добро!“ Ангелите одговориле: „Оваа грешница се покаја со сето свое срце, а времето на смртта не зависи од човекот, туку од Бога“.

Така, Господ го прими нејзиното покајание, иако таа не стигнала да изврши никаков подвиг или некое добро дело. Но, тоа веќе не зависело од неа, особено таква била Промислата Божја, и можеби тука Господ сакал да го покаже сето Свое милосрдие. Со силата на своето пламено и искрено покајание, таа за многу кратко време стекнала Царство Небесно. А што би се случило да го одложела покајанието за неколку дена? Можно е дека би се поколебала во нејзината одлучност и нејзината душа засекогаш би умрела.

Браќа и сестри, не заборавајте: Господ ни вети дека ќе ни прости ако се покаеме денес, во овој час. Но, нам Господ не ни вети дека ќе го доживееме утрешниот ден! Амин.

Архимандрит Рафаил Карелин