Златната средина или „царскиот пат“ се стекнува во она за што се говори во поговорката: „Помогни си самиот, за и Господ да ти помогне“. Сите ја знаеме оваа поговорка. Патем, ретко се случува да бидат во согласност со неа нашите мисли, нашите чувства, нашите активни напори при чистењето на срцето од гревот! Кога во длабочините на нашите души, заедно со светите отци ќе проникнеме во Светото Писмо, ќе го добиеме следново објаснување кое е поврзано со овој царски пат.

На кој начин на човекот му е дадено да постапува според волјата Божја, да дејствува со помош и поддршка на Господовата благодат? Имено, само една таква постапка е успешна и плодотворна и се одликува со морално чувство за ослободување на духот од гревот. Проникнувајќи во зборовите на апостол Павле, светите отци велат дека и самата наша способност да размислуваме за доброто и да го посакуваме доброто доаѓа од Бога, зашто Господ на тој начин го открива дејството на Неговата благодат во нас, која впрочем не врши насилство над нашата природа. Според Библијата, дејството на благодатта е подобно на едвај забележлив дух, кој нè побудува да се стремиме кон доброто.

Како се зачнува злото, како се раѓа гревот во нас? Гревот дејствува сосем незабележливо и лукаво. Лукавиот дух, кој ја искушува душата да прави зло, го предупредува нејзиниот ум за нешто што кај отците подвижници се нарекува „напад“ или „приврзаност“. Овој напад претпоставува едвај забележлива помисла или форма на грев, која мислено се наѕира во нашата совест, како некаква слика која доаѓа во фокусот на нашето внимание. Приврзаноста не нè лишува од слободата и не употребува насилство врз нас, туку само го привлекува вниманието кон себе, но не на таков начин како човекот да се согласува со неа против своја волја.

Патем, ако невнимателниот христијанин го прифати овој повик од гревот, тогаш гревот стапува на сила, ја обвива совеста, го засладува срцето, ја принудува волјата. Тогаш човекот станува подобен на риба која се фатила на јадицата, и противно на неговата волја е привлечен на дело да изврши неморален чин. Благодатта Господова го повикува човекот да слезе во длабочините на неговото срце, во длабочината на неговата совест.

Човекот мора да биде многу внимателен кон самиот себе, за да не го одбие овој призив и да не се уподоби на оној гостин, кого царот го поканил на царската трпеза, а тој не обрнал никакво внимание на поканата. Ете зошто луѓето склони кон празнословие и суета, или оние кои секогаш и во сè бараат забава што им го дразни слухот, видот, допирот или вкусот, многу тешко ќе се разбудат од сонот во кој имаат потонато. Спротивно на тоа, кога ќе станеме малку повнимателни кон самите себе, веднаш ќе почнеме подобро да се ориентираме во тајните на сопствениот, внатрешен морален живот.

Патем, се случува кога сме меѓу луѓе да почувствуваме внатрешен порив несебично да направиме некое добро дело. Во тој час како да ни се отвора срцето и ние чувствуваме несебична жед за да му помогнеме на ближниот, да му дадеме нешто и да му помогнеме, честопати дури и на своја штета. А сепак, често се случува христијаните да не го слушаат внимателно ова движење на срцето, ова поттикнувачко движење на Божјата благодат.

Протојереј Артемиј Владимиров