Некој човек пронашол кожурец од пеперутка. По неколку дена се појавил мал отвор во кожурецот, а човекот седел и ја набљудувал пеперутката во следните неколку часа. Гледал како пеперутката се бори за да го протне своето тело низ малиот отвор од кожурецот. Во еден момент, пеперутката престанала да се пробива, па се чинело дека го достигнала крајот на своите можности и дека понатаму не може ништо да направи.

Човекот решил да помогне. Земал ножици и го пресекол горниот дел од кожурецот. Пеперутката со леснотија се ослободила од кожурецот, но на неа останало неразвиено тело со сосема мали крилца. Човекот и понатаму ја набљудувал пеперутката, очекувајќи да ги рашири крилцата, зашто тие би го зајакнале нејзиното кревко тело, но сепак понатаму ништо не се случило.

Пеперутката, остатокот од својот живот го поминала лазејќи, со неразвиено тело и со мали и кревки крилца. Она што човекот не го разбрал, во својата добронамерност и брзоплетост, е дека тесниот кожурец и борбата на пеперутката да помине низ таквиот мал отвор се по Божја промисла и дека таквата борба ќе ги поттикне флуидите од телото на пеперутката во нејзините крилца, па на тој начин ќе биде подготвена за летање кога ќе се ослободи од кожурецот.

Понекогаш борбата е токму она што ни е потребно во животот. Ако Бог би ни дозволил да ги живееме нашите животи без никакви препреки, тогаш тоа веројатно ќе нè осакати. Не би биле онолку силни, колку што би требало или колку што сме можеле. И ние никогаш не би полетале. Го молев Бога за да ми даде сила и Он ми даде пречка која ќе ме зајакне.

Му се молев на Бога за мудрост и Тој ми даде проблем кој треба да го решам. Му се молев на Бога за благосостојба и Тој ми даде ум и телесна сила. Му се молев на Бога за храброст и Тој ми даде опасност која треба да ја совладам. Му се молев на Бога за љубов и Тој ми даде луѓе во неволја за да им помагам. Му се молев на Бога за една услуга и Тој ми даде безброј можности.

Не добив ништо од она што го сакав, а добив сè што ми беше потребно.