Еден од слугите рекол: Царе, овие христијани учат дека нивниот Христос ги воскреснува мртвите. Еве, во близина има една гробница, нека ја докаже вистинитоста на својата вера. Тогаш царот му наредил на свети Ѓорѓи да го воскресне мртвиот. А Тој, молејќи се во себе на Господа, рекол: Господару мој, ако е таква Твојата волја, ќе го направам ова! И заминале на гробот. Св. Ѓорѓи се молел на Господа да им ја покаже и открие на јазичниците Својата сила и Својата вистина. И тогаш, ги повикал мртвиот од гробот. Мртовецот станал и оживеал. Меѓутоа, тоа не го намалил гневот на царот кон свети Ѓорѓи, а сопругата на императорот, царицата Александра, исповедала дека е христијанка. И кога царот го испратил свети Ѓорѓи за да му биде отсечена главата, и нејзе ја испратил на смрт. Таа му се молела на Господа Исуса Христа за него. Таа е светата маченичка Александра. Откако свети Ѓорѓи го направил ова големо чудо, царот видел дека повеќе нема смисла да продолжи и да го измачува, па наредил да му ја отсечат главата.

Што покажал свети Ѓорѓи преку ова? Тој покажал дека Господ Исус Христос навистина воскреснал. Ова не е ништо друго, освен сведоштво за воскресението на мртвите. Господ Христос воскресна и со тоа што ни покажа? – Ни покажа, дека Тој навистина е посилен од смртта – најстрашното чудовиште и најголемиот непријател на човештвото. Тој беше првиот Кој му ја даде вистинската радост на човечкиот род.

Како победи Св. Ѓорѓи? Тој победи со трпение и страдање заради Господа. Тој повторно ја посведочи големата Божествена Вистина од благовеста на Спасителот: дека Неговите следбеници ќе бидат меѓу своите непријатели како овци меѓу волци: Еве, јас ве испраќам како овци помеѓу волци. Мртви воскреснувајте, болни исцелувајте, истрпете сè заради Моето име (Мат. 10, 16; 8). Навистина, еве еден сведок кој ни посведочи дека не е тешко да се истрпат страданијата и да се носи Крстот на Господа Исуса Христа.

Отец Јустин Поповиќ