Еве ја првата мисла што излегува на површина: зарем не е прикладно на денот на причестувањето, покрај вечерните молитви, покајни и скрушени, уште еднаш пред заспивање да ги прочитаме благодарствените молитви после Причеста? Во нив има молитви кон Христа не само за прошка и помилување, туку и „да влезе во внатрешноста и длабочината, да го укрепи телесниот состав и коските, да ги изгори трњата на сите прегрешенија …“. Овие кратки молитви се многу силни, полни со смисла, многу радосни и енергични. Нивното повторување, или барем препрочитување, на денот на причеста го зајакнува чувството во христијанската душа за благодарност кон Бога, раѓа трезвеност (сеќавање на Господа), ја разгорува желбата за почесто причестување.

Свети Јован (Максимович), по служењето на литургијата, честопати долго време престојувал во олтарот. Го читал Евангелието, ја „вртел“ бројаницата, извршувал други молитви, а дури потоа се присилувал на секојдневната работа, бидејќи никако не сакал да го напушти олтарот. Ова е вистинска лекција. Очигледно е дека световниот човек е оптоварен со грижи и дека бурното темпо на животот е непријател на сосредоточеноста. Но, по причестувањето треба да се потрудиме веднаш да не се нурнеме во нашите вообичаени работи, туку да се обидеме да побараме барем малку тишина, посветувајќи се на читање и размислување.

Не можам со сигурност да кажам кој од Оптинските старци (веројатно Варсануфиј) советувал, на денот на причестувањето, да се чита Откровението на св. Јован Богослов. Изгледа, имал на ум дека облагодатениот ум на христијанинот во тој момент е поспособен да ги согледа Божјите тајни, за разлика од обичните денови. Не станува збор толку за конкретни совети, колку за преглед на општото правило: на денот на причестувањето, да се посветува што е можно повеќе време и енергија на проучување на словото Божјо и на другите духовни дела.

Станувајќи дом Божји со посредство на Причеста, христијанинот е закана за невидливите непријатели на доброто. Од него, како од оган, „бега секој злосторник и секоја страст“. Затоа, главната задача на непријателот е стремежот да го расее и одвлече вниманието на човекот, да го вовлече во виорот на секакви грижи, да го опкружи со „незнаење, заборав, малодушие и скаменета бесчувствителност“. И според степенот на нашето невнимание, непријателот успева да го направи тоа. Дали вреди да се чудиме на виорот на гревот и збунетоста што царува во нашите глави, ако свесно не научиме да го користиме нашето најпобедоносно оружје – вистинското соединување со Спасителот и Богочовекот?

Протојереј Андреј Ткачов