Чедата на овој свет може да се споредат со пченицата, која истурена во решетото се просејува помеѓу светските непостојани помисли. Тие се налик на непрестајното бранување на земните нешта и желби, и на многу испреплетени овосветски поими. Сатаната ги растресува душите и со своето решето, односно преку  земните дела, го просејува целиот грешен човечки род. Од времето на паѓањето во грев, кога Адам ја престапил Божјата заповед и му се потчинил на лукавиот кнез, кој придобил власт над него, тој со постојани измами и со побркани помисли ги сее синовите на овој свет и ги доведува до судири во своето земно решето.

Како што пченицата во решетото бива непрестајно исфрлувана и доведувана до судири и преобраќања, така и кнезот на лукавството ги опфаќа сите луѓе со земните нешта, ги доведува до немир и загриженост, ги тера да се зафаќаат со суетни помисли, со гнасни желби, со земни и светски поврзувања, и на тој начин постојано ги заробува, збркува и лесно го лови целиот грешен Адамов род. И Господ им претскажал на Своите апостоли дека ќе бидат напаѓани од лукавиот, велејќи: „Ете, сатаната посака да ве сее како пченица, но Јас се молев за да не се намали верата ваша“ (Лука 22, 31-32). Зошто овие зборови и оние кои Бог му ги рекол на Каин: „Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти ја дава својата сила; ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!“ (1. Мој. 4, 12), служат како образ и подобие за сите грешници ? Затоа што Адамовиот род, откако ја престапи заповедта и стана грешен, го примил ова подобие тајно на себеси. Луѓето биваат доведувани во колебливост заради постојаниот страв, заради збунетост и желби, како и заради разни многубројни задоволства. Кнезот на овој свет ја бранува секоја душа која не е родена од Бога и слично на пченицата во решето, на најразлични начини ги вознемирува човечките помисли и сите ги доведува во колебливост и ги лови преку измамите од овој свет, преку телесни задоволства, стравување и збунетост.

Господ, посочувајќи дека оние што ги слушаат лагите и желбите на лукавиот, го носат врз себеси подобието на Каиновото лукавство, рекол изобличувајќи ги: „Вашиот татко е ѓаволот; вие сакате да ги исполнивате неговите желби; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината“ (Јован 8, 44). Затоа, целиот грешен Адамов род ја носи на себе оваа пресуда: ќе се тресете, ќе стенкате и ќе бидете вознемирувани на земјата од сатаната во решетото што постојано ве сее. Како што од едниот Адам се умножил на земјата целиот човечки род, така и една иста страсна нечистотија проникнала во сите човечки битија, а кнезот на злобата е во состојба непрестајно да ве сее со непостојани, суетни и разбранувани помисли.

И како што еден единствен ветар може да ги расклати и раздвижи сите дрвја и сите растенија; и како што една ноќна темнина се шири низ целата вселена, така и кнезот на лукавството, кој е духовниот мрак на гревот и на смртта, со некаков таинствен и силен ветар го бранува и потресува целиот човечки род на земјата со непостојани мисли и светски желби. Ги исполнува човечките срца со темнината на незнаењето, со слепило и со заборавност. Ја уловува секоја душа која не е родена одозгора и која со мислите и со умот сѐ уште не се преселила во другиот живот. Апостол Павле вели: „Нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос“ (Филип. 3, 20).

Св. Макариј Велики