„Синко, земи ги твоите синови: еве јас веќе остарев и веќе сум на крајот од мојот живот.
Пресели се во Мидија, синко, бидејќи знам оти Ниневија ќе биде разурната, како што говореше пророкот Јона, а во Мидија ќе владее мир извесно време; нашите браќа, кои живеат во татковината, ќе бидат распрснати и ќе бидат далеку од нашата убава земја; Ерусалим ќе се запусти, а домот Божји што се наоѓа во него ќе изгори и некое време ќе биде сосема пуст.
Но Бог пак ќе се смилува и ќе ги врати во нивната земја, и тие тогаш ќе изградат храм, но не онаков каков што бил пред тоа, додека не се исполни одреденото време. Потоа ќе се вратат од ропство и прекрасно ќе го изградат Ерусалим, а домот Божји во него ќе биде обновен за сите идни родови; тоа ќе биде великолепно здание, како што и говореа пророците за него:
Сите народи вистински ќе се обратат и ќе имаат свет страв пред Господа Бога и ќе ги искршат своите идоли;
сите народи ќе Го благословуваат Господа. Тогаш и Неговиот народ ќе Го прослави Бога, а Господ ќе го издигне народот Свој и ќе бидат радосни сите оние кои вистински и праведно Го љубат Господа Бога и ќе бидат милостиви спрема своите браќа.
И така, синко, замини од Ниневија, зашто ќе биде сè како што претскажа пророкот Јона.
Ти, пак, пази ги Законот и заповедите и биди милостив и справедлив, за да ти биде добро.
Погреби ме со почести, а покрај мене погреби ја твојата мајка, па потоа не останувајте во Ниневија ни еден ден. Синко, гледај што му направи Аман на Ахијахара, кој го одгледа: како тој од светлина го фрли во темнина и како му беше вратено. Но сепак Ахијахар беше спасен, а оној доби заслужена казна – слезе во темнината. Манасија правеше милостина, и беше спасен од смртната мрежа која му ја беа поставиле, но самиот Аман падна во мрежата и загина.
И така, деца мои, знајте дека голема сила има милостината и дека правдата спасува.“
Книга Товит (14, 3-11)