Послушанието е целосно одрекување од својата душа која се пројавува во телесните дејствија. Или обратно: послушанието е умртвување, при жив разум, на членовите на телото. Послушанието е вршење на должност без испитување. Тоа е доброволна смрт, живот без љубопитност, безгрижност кога сме во опасност, наша неподготвена одбрана пред Бога, отсуство на страв од смртта, безопасна пловидба, одење во сон. Послушанието е гроб на волјата, а воскресение на смирението. Послушниот како да е мртов: ниту одговара ниту размислува, било да се работи за добри нешта или за нешто што изгледа зло, бидејќи за сѐ ќе одговара оној кој побожно ја умртвил неговата душа. Послушноста е одрекување од расудувањето при изобилност од расудување.
Било да се работи за волјата или за членовите на телото, почетокот на умртвувањето е мачен; средината е понекогаш тешка, а понекогаш не. А крајот е потполна нечувствилтелност за болката и отсуство на секое мачно чувство. Овој блажен и жив мртовец, чувствува тага и болка во срцето само кога се гледа себеси дека ја извршува својата волја, бидејќи тој се плаши единствено од одговорноста за сопствениот суд.
Вие, кои се подготвувате за бојното поле на духовното исповедништво; вие, кои сакате својот врат да го подложите под јаремот Христов; вие, кои отсега настојувате сопственото бреме да го префрлите на туѓи плеќи; вие, кои итате со драга волја да се продадете самите себе во ропство и во замена да ја добиете вистинската слобода; вие, кои пливате поддржувани од рацете на други за да ја преминете оваа бескрајна ширина – знајте дека сте зачекориле на кус и стрмен пат, на којшто демне само една заблуда, а таа се вика самоволие. Оној кој наполно се одрекол од самоволието, дури и во нешта што му изгледаат добри, духовни и богоугодни, стасал на целта уште пред да зачекори. Зашто послушанието е неверување на себеси во секое добро, до крајот на животот.
Кога придвижени од смиреноумието сакаме да ја наведнеме главата и своето спасение во Господа да му го довериме на друг, уште пред да стапиме во тој подвиг потребно е, ако поседуваме барем малку проникливост и разум, да просудиме, да го испитаме и (така ќе се изразам) да го искушаме својот духовен кормилар, за да не се најдеме во раце на морнар наместо на кормилар, на болен наместо на лекар, на страстник наместо на бестрастен, па наместо во пристаниште да западнеме сред морската широчина и така да претрпиме бродолом. Но кога веќе ќе стапиме на тоа борилиште на благочестието и покорноста, не смееме веќе за ништо да му судиме на нашиот наставник, макар во него како во човек можеби и да би согледале извесни мали грешки. Инаку, судејќи, никаква полза од покорноста нема да имаме.
Оној што сака да остане непоколеблив во својата доверба кон својот духовен отец, треба во постојан и неизбришлив спомен да ги држи неговите добродетели, за со тој спомен да им се затне устата на демоните кога ќе почнат да сеат во нас од семето на недовербата кон него. Сразмерно на зголемената доверба во срцето и самото тело станува поусрдно во вршењето на својата служба. А штом ќе се сопне од каменот на недовербата, тоа паѓа! Бидејќи, секако, сѐ што не е од верата, грев е (Рим. 14, 23).
Кога помислата ти предлага да го испиташ или осудиш својот духовен отец, отскокни од неа како од блудот и воопшто не ѝ допуштај на таа змија ни малку слобода, ни место, ниту пристап, ни почеток. Викни ѝ на чумата: „Лажливке низаедна! Не јас над својот духовен отец, туку тој над мене доби право на судење. Не јас нему, туку тој мене ми е поставен за судија“.
Отците го дефинираат пеењето на псалмите како оружје, молитвата како бедем, а непорочните солзи како мијалник. Блаженото послушание го сфаќаат како исповедање, без кое никој од острастените нема да Го види Господа.
Послушникот самиот врз себе изрекува пресуда: ако заради Господа совршено се покорува, се ослободува од сопствената вина дури и кога не мисли дека е совршено послушен; но ако во што и да е ја изврши својата волја, самиот ја носи одговорноста дури и кога мисли дека е послушен. Впрочем, би било корисно духовникот да не престане да го укорува; а ако тој замолкне, јас не би знаел што уште да кажам за тоа.
Оние кои во својата простодушност се покоруваат заради Господа среќно стигнуваат на целта на својот пат, зашто не го навлекуваат на себе лукавството на демоните со тоа што би го критикувале духовникот.
Пред сѐ да му се исповедаме на нашиот добар судија не само насамо, туку ако ни заповеда и пред сите. Раните што се откриваат не само што не се влошуваат туку и полесно се лечат.
Св. Јован Лествичник