Колкупати и да се менуваат политички, културолошки и социјално, луѓето во суштина остануваат исти. Божјиот образ останува неизбришлив и помрачен во нив. По падот на Адам и Ева, гревот и страстите на злото: сетилноста, похотливоста, суетноста, гордоста, омразата, злобата, гневот, раздразливоста, осудувањето, користољубивоста, алчноста, лицемерието – стануваат цел на борба против нив или пак им се дозволува да владеат со нас. Сето ова зависи од тоа дали луѓето стануваат свесни за ваквата борба и ним им се спротивставуваат или пак од нив се заведени за да им се потчинуваат и да ги негуваат. Меѓутоа, факт е дека никогаш до сега немало вакво општествено прифаќање и озаконување на гревот како во нашево време.

Можеби најважниот пресврт на минатите векови е појавата на „индивидуата“. Веројатно за првпат во историјата, индивидуите стекнаа своја вредност, свое право на постоење и своја автономија. Тие првпат постигнаа толкаво значење и важност, што почнаа да се гледаат себеси над заедницата, над колективните културни и традиционални институции и вредности и секако, се разбира, и над Црквата.

Многумина тврдат дека живееме во постмодерна ера, која освен со автономијата на индивидуата наследена од модернизмот, се карактеризира и со фрагментација, заситеност, релативизам, ирационалност, антисоцијалност и песимистичка желба за крај на историјата и на светот. Основниот слоган на модернизмот беше познатата изрека од Ниче: „Бог е мртов“. И покрај тоа што може да забележиме „враќање кон Бога“ во оваа постмодерна ера и повторно појавување и оживување на религиозното чувство, слоганите „мора да уживаш“ и „сè е дозволено“ се оние кои најповеќе преовладуваат и се највлијателни.

Онака, како што преку филозофските, политичките, социјално и религиозно синкретистичките системи човекот се претставува денес, тој не е ништо повеќе од една обична биолошка единка. Образец во постмодерното време се „ѕвездите“ актери (или како што ги нарекуваат: идоли), во ерата на модерната образец беше научникот, а во старите традиционални времиња пак светителот. Центарот на личното тежнеење во старите традиционални времиња беше душата, во ерата на модерната  –  разумот, а денес е телото. Постмодерната личност денес сака да добие информација, оној од модерната бараше знаење, а човекот од старите времиња – мудрост.

Денешниот човек – самопотврден, суетен, херметички запечатен во своето его, хедонист и песимист – е оној што ја обликува нашата глобализирана биоетика, што ја изразува неморалната етичка разновидност на времето. И покрај неговата острина на умот, тој не знае што е тоа личност, не го користи својот вистински потенцијал што ги надминува границите на земниот живот, и не ги открива вечните димензии кои онтолошки ни припаѓаат.

Значи, од овие кратки споредби, можеме да видиме дека луѓето денес се уназадени и го потценуваат квалитетот и смислата на нивниот живот. Со други зборови, луѓето денес имаат длабоко непријателска маска и персона. Потребна е силна борба за да се ослободиме од оваа маска и да ја преобразиме во човечко лице.

И покрај тоа што православните христијани се „туѓинци и гости“ на овој свет, иако нивното „живеалиште е на небесата“, тие сепак го почитуваат светот и живеаат во историјата. Тие не можат да се подбиваат со она што се случува во политичката, социјалната и културната сфера на светската сцена, бидејќи сето тоа влијае и на нивниот живот. Според наше мислење, луѓето кои станале робови на страстите и се дезориентирани во однос на смислата на животот, денес имаат најголема потреба за ослободување од оваа неприродна, ненормална и острастена состојба.

Архимандрит Ефрем Ватопедски