Оваа година, за разлика од претходната, т.н. осмомартовски маршеви, организирани од родовите активисти на добро познати НВО организации, поминаа очајно како и досега, но овојпат срамежливо во однос на дрската антицрковна и џендер-афирмативна реторика од типот „и транс-жените се жени“ и уличарски пцовки упатени кон Црквата. Ако го занемариме фијаското на еден политичар кој јасно ни стави на сите до знаење дека топ приоритет во неговиот политички концепт е носењето на Законот за родова еднаквост, би можеле да кажеме дека ништо друго особено и не ни го привлече вниманието. Но, со оглед на тоа дека нас во Струмица овие прогресивни, неолиберални и дехуманизирачки организациисо месеци наназад нѐ квалификуваат како примитивни, ретроградни, мизогенични итн. (им нема крај на епитетите), две ним сродни организации особено се мотивираа во пост фестум обид да нѐ реедуцираат тука, во „рурална“ Струмица, со урбани инсталации.

Велат дека примарната цел на пораките е да ја подигнат свеста за женските права и да ги поттикнат локалните власти да преземат мерки за унапредување на родовата еднаквост –истите оние локални власти кои на чело со градоначалникот не само што рекоа дека цврсто ѝ застануваат на патот на родовата идеологија, туку и ги исфрлија поимите род и родова еднаквост од годишните програми, како механизам за одбрана токму на жените и женските права. И, уште ја прекинаа соработката со сите радикални и агресивни организации кои, меѓудругото, ја сочинуваа работната група што го пишуваше накарадниот закон, инаку ментори на нашите локални прогресивни протагонистки на родовиот концепт. Сите мерки што локалните власти ветија дека ќе ги преземаат во иднина ќе бидат за унапредување на еднаквите можности меѓу жените и мажите до потполна полова рамноправност, но за сите овие организации тоа не е доволно. Ним воопшто не им е грижа ниту за правата на жените ниту за безбедното детство на децата. Тие едноставно сакаат да се вратат и да станат водечки фактори во локалните политики во Струмица, а преку тоа и во нашите животи. Затоа веќе во една Општина имаме во зародиш родови кружоци, составени од изманипулирани жени, кои не сфаќаат дека концептот на т.н. родова еднаквост нема да ги изедначи со мажите, туку ќе им овозможи на мажите да влезат како жени во женскиот свет и да ги прегазат во секоја смисла. Но, за тоа во периодот што претстои…

По сето ова погорекажано не е ни чудо што единствено улиците на Струмица се „украсени“ од оваа квази уметност и што посебни напори родовите активисти вложуваат во Струмица и струмичко, но и парите на нивните донатори се насочени и допрва ќе се истураат во нашата Епархија, сѐ со цел родово да ги „просветлат“ струмичани. Тактичноста може и да не им е толку лоша страна како што изгледа, но кутрите ги сопнува и вади од сатанскиот колосек нивната омраза кон Црквата и кон Бог, па така не издржаа исега да хулат и да се потсмеваат со сѐ што ни е свето.

Опскурните алузии кон Црквата со „чудотворната вода“ и симболот на радикалниот феминизам, кој е всушност превртен крст, воопшто нема да ги коментирам. Оваа година, не на некое друго место туку среде Струмица, кукавички сета своја омраза кон Црквата ја изразија ставајќи ги своите чувства во устата на човек кому не сакам да му го спомнувам името, но кој целиот свој живот ја пцуеше Мајката Божја, украсот на жените, поткрепа на мајките, наша надеж и утеха, Онаа чијашто прегратка е престол Божји, и во исто време мајчинска прегратка за секој еден од нас. Таа пцовка кон Пресвета Богородица одекнуваше деновиве низ Струмица во име на „женските права“, градот кој самата Мајка Божја со векови го штити, и од ридот на Велјуса со векови милостиво го прима, прегрнува. Затоа Струмичани, знаејќи го тоа, радувајќи се како деца кај својата мајка, на секој Нејзин празник во безбројна река притекнуваат, и нема сила на овој свет што некого може да го спречи да се искачи до Велјуса, свештеното живеалиште на Мајката Божја и наша Мајка, да заблагодари, да заплаче, да се помоли, да се утеши, да се израдува, и никој никогаш не се вратил празен, разочаран и напуштен од Неа.

Но, деновиве, реки од луѓе во Струмица немо поминаа покрај портретот на овој лик од нашата историја, кој ја пцуе Богородица во име на оние што ни навестуваат подобар свет без Бога, во име на оние што велат дека Нејзината света икона (Мајка со дете) е стереотип и унижување на жената, во име на оние што велат дека и мажите можат да бидат жени и да раѓаат, во име на оние што сакаат да ни ги трујат со штетни идеологии децата, да ги касапат во име на слободата, велејќи им дека Бог го нема последниот збор и дека родот е флуиден, па следствено на тоа и полот, оти човекот е бог и може да го промени. Сето ова се катастрофи и трагедии за многу семејства кои доаѓаат и очигледно веќе дојдоа, но многу потрагично е што до таа мера никој не чувствува болка и огорченост што во сред Струмица се пцуе Богородица, како да станува збор за некој што не го познаваме и ни е туѓ. Ако паднавме во таков амбис во кој Мајката Божја не е и наша Мајка, ако Пресвета Богородица во Струмица не е веќе слава и пофалба на мајките, жените и девојките, тогаш нема ниту да речам Господ нека ни е напомош, бидејќи Господ токму преку Неа се воплоти и стана Човек и дојде да ни помогне.

Господи Исусе Христе, Сине Божји, заради Богородица, помогни ни!

пишува Викарен Епископ Стобиски г. Јаков