Законот на постењето е: пребивај во Бога со својот ум и срце, со откинување од сè, отсекувајќи го секое самоугодие не само во телесното, туку и во духовното, вршејќи сè за слава Божја и за доброто на ближните, при тоа волно и со љубов носејќи го трудот на лишувањата од храна, сон и одмор, за утехата на заемното општење.

Постот е сестрано воздржание. Молитвата, пак, сестрано богоопштење; едното заштитува од надвор, а другото од внатре го устремува огненото сеоружие против непријателите.

Може ли да се мисли дека каде што нема пост и молитва, таму веќе има бес? Може. Вселувајќи се во човекот, бесовите не секогаш го покажуваат тоа, туку притаено и безгласно го учат својот стопан на секое зло и го отклонуваат од секое добро; и тој е уверен дека сè врши сам, а всушност само ја исполнува волјата на својот непријател. Ако непријателот е заробен со молитва и пост, само во тој час ќе си замине, и од страна ќе чека згоден момент за одново да се врати; и тој навистина се враќа, веднаш штом бидуваат напуштени постот и молитвата.

Господ постел, апостолите постеле, и тоа не само малку. Тие престојувале често во постот, како што вели апостол Павле за себеси. Сите Божји светители држеле строг пост, така што ако ни е дадено да ги видиме рајските живеалишта, таму не би нашле ниту еден кој го избегнувал постот. Така и треба. Со нарушавањето на постот е загубен рајот, а земањето на строг пост треба да биде едно од средствата за враќање на загубеното.

Кога некој ќе се загрижи барем малку за душата, веднаш почнува да пости, и колку е посилна неговата грижа, толку построго и пости. Зашто при постот делото оди поуспешно, и станува полесно да се завладее душата.

Основата на страстите е во плотта. Кога плотта е изнемоштена, тогаш се поткопува тврдината на страстите и таа почнува да се руши. А да се победат страстите без пост би било чудо, тоа е како да бидеш опфатен од пламени и да не изгориш. Оној, што од повеќе ја задоволува својата плот со храна, сон и одмор, како да го задржи духовното во вниманието и во своите намери? Да се откине од земјата, да влезе во созерцание на невидливите нешта и да се стреми кон нив, за него е исто толку тешко, колку што старата и изнемоштена птица може да се дигне од површината.

Постот е да не јадете до наситување, туку да останувате малку гладни, та ниту мислата, ниту срцето да бидат обременети.

Постот е надворешно дело. Тој треба да се презема според потребите на внатрешниот живот.

Постот не е цел, туку средство. Подобро е во тој однос да не се обврзувате со неизменливо правило, како со окови, туку некогаш така, некогаш поинаку, само без отстапки и самосожалување, но и без жестокост која доведува до истоштување.

„Викај со сиот глас – му вели Господ на свети пророк Исаија – не воздржувај се и укажи му на народот Мој за беззаконието негово“. Што направиле луѓето? „Тие секој ден Ме бараат, сакаат да се приближат кон Бога“. Но, зарем во тоа има грев? Та, нели тоа и треба да го прават. Да, но работата е во тоа што тие тоа не го прават како што треба. Се надеваат да успеат во своето барање само со пост и не ревнуваат за делата на правдата и љубовта. И постот Ми е пријатен, вели Господ, но само таков, кога, смирувајќи си го телото, ги простуваат навредите и долговите, ги хранат гладните, ги воведуваат во својот дом бездомните, ги облекуваат голите. Кога сето тоа го има во постот, тогаш барањето и приближувањето кон Мене ќе биде успешно; „тогаш твојата светлина ќе се јави како зора… и слава Господова ќе те придружава. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе. Ќе извикаш – и Тој ќе рече: ете Ме!… и Господ ќе биде твој водач засекогаш“ (Ис. 58, 1-11).

Свети Теофан Затворник