Над големиот океан, исполнет со маки и страдања, љубовта и знаењето, онолку колку што ми беа достапни, ме издигаа кон небесата, но сепак, тагата ме влечеше назад кон земјата.
Три страсти, едноставни но и неодоливи, ме водеа низ целиот мој живот – копнежот за љубовта, потрагата по знаењето и неподносливата тага заради човековото страдање. Овие страсти, како силни ветришта, ме водеа наоколу по својата своеволна патека, далеку над големиот океан на страдањето, досегајќи ги самите краеви на очајот.
Трагав по знаењето. Сакав да ги разберам човечките срца. Жеднеев да осознам зошто ѕвездите сјаат. Се трудев да ја сфатам питагорејската моќ, според која броевите имаат влијание врз разните земски текови. Во нешто од тоа, но не премногу, некако самиот и успеав.
Живеев во потрага за правилна визија на она што е лично, но и на она што е општествено. Лично – да се трудам во она што е благородно, во она што е убаво, она што е питомо, како би му овозможил на моментот на спознанието да ја придодаде мудроста во земните времиња. Општествено – да замислам општество кое претстои да биде создадено, во кое личноста се развива во слободата, и во кое омразата, алчноста и злобата ќе бидат мртви и изумрени, бидејќи ќе нема од што да бидат исхранувани.
Во ова верувам, и светот со сите свои ужаси, сè уште ме нема поколебано.
Бертранд Расел