Во својата немудра историја, човекот предизвикал два безобѕирни и дрски бунтови. Првиот го направил против својот создател Бог, а вториот против самиот себе и својата природа.

Не постои друг пат освен спасението, освен искрената исповед, за да се воспостави она што преку овие два бунтови е изгубено. Враќањето кон Бога зависи од ова онолку, колку што и во природните дисциплини е потребно строгото вежбање. Нашето ослободување од насилството на беззаконието, кое поради нашите лоши постапки ни е наметнато како втора природа, не може да биде постигнато без подвиг. Ова е причината поради која Отечкиот пат, и воопшто строгиот подвиг, се неопходни.

Еден вид на овој бунт на човековата природа опишува и пророкот Давид: „Човек што живее неразумно, прилега на животните што загинуваат (Псалм 48, 12). Ете ја суштината на нашата погибел, во целата своја големина! Ако човекот со сите свои сили не ѝ се спротивстави на својата бесмислена состојба, умира со двојна смрт. Строгоста во подвижничките напори кај отците го изразува исправањето на несреќата, која врз нашата природа била навлечена поради отфрлувањето на Божјата волја.

И покрај сите правила на природниот закон, нашата словесна природа има една друга обврска. Да се уподоби и сообрази со Господовиот живот, како на свој единствен пример  и прототип. Сите сведоштва за добродетелниот живот на нашиот Господ, го имаат за цел нашето усовршување. Тие придонесуваат да го спознаеме начинот за остварување на нашите должности, затоа што после падот сме во целосно отпадништво. Законот за оздравување, повеќе од сѐ, наложува враќање на должност во љубовта.

Иако нашата потполна вина и одговорност ни го посочува чувството за тоа колку сме должни, сепак животот во Христос ни открива дека нашиот Спасител и Бог се однесува кон нас како да сме еднакви со Него. Последицата од тоа е дека на ништо не нѐ принудува на сила. Самиот вели: „Каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга“, со претпоставка дека слугата ќе Го следи до крајот, односно „до Крстот“. Оние што го примаат спасението, ова не треба да го разберат како метафора во некоја приказна, туку како пат кон обожението. Меѓутоа, тоа обожение во потполност зависи од нашата насоченост во животот, во кој, ако сакаме да го здобиеме обожението, потребно е секогаш да бидеме свети.

Старец Јосиф Ватопедски