Според Елините изгревот, залезот и доближувањето на ѕвездите до сонцето и месечината ги раководат човековите дела, а астрологијата се занимава токму со тоа. Но нашето мислење е дека ако на тој начин можат да се предвидат врнежите и безводноста, студот и горештината, влагата и сушата, а исто така и ветровите, тоа во никој случај не важи и за нашите дела. Господ нè создаде со слободна волја и ние сме господари на своите дејствија.

И ако сите наши постапки се резултат од позицијата на ѕвездите, значи ние правиме сè по неопходност, а неопходноста не е ниту порочна, ниту добродетелна. Штом, пак, немаме пороци или добродетели, тогаш не заслужуваме ниту пофалби, ниту прекори, а Бог се покажува како неправеден, одредувајќи им на едни блага, а на други – беди.

Но Господ не би ги раководел Своите творенија, како што не би ни промислувал за нив, ако сè беше повластено на неопходноста. И разум не би ни бил потребен, затоа што оној кој не решава за своите дела, нема што и да размислува, а доколку разумот ни е даден за размислување, сè што е разумно е дарувано со слободната волја.

Повторно подвлекуваме дека тие (ѕвездите) не се причина за настаните – ниту за раѓањето на роденото, ниту за смртта на умреното, а најмногу што од нив има полза е преку нив да бидат предвидени дождовите и промените во атмосферата.

А колку се налудничави тврдењата дека тие можат да бидат ако не причина, тогаш барем предзнак за војни, бидејќи сонцето, месечината и ѕвездите на различни начини демек можат да дејствуваат врз воздухот и да предизвикуваат секакви врски, состојби и односи меѓу луѓето. Но, сепак, дури и тие состојби се во наша власт и се потчинуваат на разумот, кој нив ги управува и менува.

Се појавуваат и комети – знаци за смртта на царевите, но тие не се ѕвезди кои постоеле отсекогаш, туку се раѓаат и загинуваат по Божја наредба, слично на ѕвездата која се појавила пред мудреците во моментот на човекољубивото и спасителното за нас Христово воплотување, која исто така не се вбројувала меѓу создадените на почетокот. Тоа јасно се разбира од сведоштвата дека таа се движела малку од исток на запад, па малку од север на југ, па малку се појавувала, па малку исчезнувала. Ситуација, која е сосема невообичаена за насоката и природата на ѕвездите.

Св. Јован Дамаскин