Расудувањето е дар Божји, кој треба да биде развиван и негуван.

А Како? Кога сè свое ќе оставиме на расудливоста на поопитните отци. Тоа е најмудрата школа за расудливост, во која се учат добро да расудуваат, дури и оние кои немаат посебна способност за тоа. Така се решава прашањето: како се стекнува расудливоста. Вистинската расудливост се стекнува преку вистинско смирение. За тоа прв доказ е откривањето пред отците не само на она што го правиме, туку и она што го мислиме, во ништо недоверувајќи се на својата помисла, а во сè следејќи ги советите на старците, и сметајќи го за добро или лошо само она што тие го сметаат за такво. Постапувајќи на тој начин, ние безопасно сме на правиот пат и сме заштитени од сите ѓаволски мрежи.

Оној, кој го наредува својот живот не по својот суд, туку по советот на оние кои успеале, не може да падне од бесовската измама. Така, сопствената расудливост се заменува и поучува од предавањето на сопствените помисли на расудливоста на Отците. Ѓаволот не ја сака светлината. Затоа, откривањето на лошите помисли го прогонува и истребува, веднаш штом тој ќе биде препознаен. Како што змијата, извлечена на светлина од својата темна дупка, се труди да избега и да се скрие, така и лошите помисли, штом бидат разоткриени преку отворено признание и исповед, се трудат да избегаат од човекот. Тоа се потврдува од многу примери и опити.

Авва Серапион за себеси го раскажува следното: „Кога бев на почеток на монашкиот живот, од Аввата скришум си зедов сув леб и го јадев. Тоа го правев многу долго време и страста така ме завладеа, што не можев да ја соборам. Мојата совест ме осудуваше, а јас пак се срамев тоа да му го кажам на Аввата. Но, по промисла на човекољубивиот Бог, се случи кај старецот да дојдат некои браќа, кои почнале да му ги откриваат своите помисли и да молат да им прости. Старецот им одговарал што требало, и меѓу другото станало збор и за воздржание од храна. После тој додал: „Ништо не им штети толку на монасите и ништо не ги радува така бесовите, како криењето на сопствените помисли од своите духовни отци“. Тие зборови силно ме поразија: јас си мислев дека Бог му ги открил на старецот моите согрешенија, и кога се скрушив, почнав да плачам. После, од својата пазува го извадив парчето леб, кое обично го крадев, и кога се фрлив на земјата, почнав да молам да ми прости за минатото и да ме сочува од тоа во иднината. Тогаш старецот рече: „Твоето признание те ослободи од твојата заробеност. Кога ги откри своите гревови, ти го порази бесот кој те повредуваше додека молчеше. Досега ти му дозволуваше да те опседнува, без да му противречиш и без да го изобличуваш, а сега, бидејќи е изваден од твоето срце и разоткриен, тој веќе нема да има место во тебе“. Старецот сè уште зборуваше, кога како да излезе жежок факел од мојата внатрешност и ја исполни целата ќелија со смрдеа, така што присутните мислеа дека гори сулфур. Старецот додаде: „Ете, Господ јавно ја потврди вистинитоста на твоето ослободување.“ Така, преку дејството на признанието, од мене отстапи страста на чревоугодието и од тогаш дури ни на ум не ми дошла поранешната желба.“

Што гледаме кај св. пророк Самуил? Тој, од детството посветен на Севишниот и удостоен да беседи со Него, не поверувал на својата помисла кога бил два пати повикан за разговор, туку побрзал да оди кај свештеникот Илија и од него добил совет како треба да одговори на Бога. На таков начин Самиот Бог посакал да го раководи преку совет од старец дури и оној, кој се удостоил лично да беседи со Него, та преку тоа да го насочи кон смирение. Не го гледаме ли истото и кај св. апостол Павле? Господ Самиот го повикал, но веднаш го испратил кај Ананија, та од него да се научи на патот на вистината. А и самиот св. Павле, по неколку опити на евангелската проповед, оди во Ерусалим за да го провери своето благовестие: „Да не трчам или да не сум трчал напразно“ (Гал. 2, 2), иако благодатта видливо го следи. И така, очевидно е дека Господ никому не го открива патот кон совршенството, освен на оние, кои се раководени кон Него од духовни отци, како што Тој вели преку Пророкот: „Прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат“ (5. Мој. 32, 7).

Свети Јован Касијан