Верата и науката работат на различни нивоа, тие следат различни методи и користат различни видови на докази. И, навистина, она што едната го кажува, е релевантно за другата, но не смееме да ги помешаме овие две нивоа на размислување. Научникот работи со доказите од нашите сетила, а богословот, верскиот мислител, ги користи податоците од Откровението, од Писмото. И еве, тоа се две форми на докази, два различни начина на расправа.

Според мене, не би требало да има конфликт меѓу верата и науката, ако секоја се разбере правилно, бидејќи тие одговараат на различни видови на прашања. Научникот кажува што има во универзумот, и посочува онолку колку што може да откриеме. На пример, како универзумот дошол во неговата денешна форма на постоење и во кои стадиуми се развивал. Во верската сфера, ние поставуваме прашања: зошто светот бил создаден и која е целта на нашиот живот на земјата? Според мене, тоа не се строго научни прашања, а научниците не се ни обидуваат да одговорат.

Сепак, она што ни го кажуваат каков е светот и како станал онаков каков што е, може да ни помогне да ги одговориме овие верски прашања. Некои научници, на прашањата: како и зошто има универзум, од каде настанал, што постоело пред Големата Експлозија? Би рекле дека тоа едноставно не се прашања, и не треба да бидат поставени. Но, има прашања што ние како луѓе сакаме да ги поставиме, и имаме потреба за нив да расправаме. Меѓутоа, мислам дека научниците, само врз основа на научната дисциплина, не може на нив да одговорат.

Што се однесува до теоријата на еволуцијата, многу православни неа ја отфрлаат, а некои поддржуваат некаков облик на интелигентен дизајн. Мене не ми е битна теоријата за интелигентен дизајн, бидејќи мислам дека ги меша нивоата на науката и верата на некорисен начин. Јас, како православен, немам препреки да ја прифатам еволутивната слика на универзумот, која ја дава современата наука. И мислам дека не треба да велиме дека еволуцијата е само теорија или спекулација, доказите се силни.

Тука, како православен христијанин, не наоѓам проблем за мојата вера. За Бога е можно да работи преку еволуција, на почетокот Тој не морал да создаде сè онакво какво што е денес. Тој би можел да работи преку еволутивен процес. Но, секако, штом ќе го кажеме тоа, се поместуваме од доменот на науката, која нема да даде такви тврдења. Повторно, од верска гледна точка, сакаме да потврдиме дека луѓето имаат уникатен статус во универзумот, бидејќи се создадени по образ и подобие Божјо. Човекот не е само супериорен мајмун.

Кога користиме фрази како „образ и подобие Божјо“, за луѓето кажуваме нешто што науката не може ни да го потврди, ниту да го порекне. Овде излегуваме од областа на науката. Затоа, верувам дека точното разбирање на науката, и начинот на кој таа работи, навистина може да ни помогне во нашата задача како верски мислители. Но, ние треба да правиме правилно разграничување. Преку ова разграничување, нема потреба да ја гледаме науката како закана.

Епископ Калистос Вер