Источното православие преку целата своја историја било религија на народот. Со користењето на говорниот јазик во литургијата, со својата способност да ги асимилира и развие различните култури, со водачите, кои често ја прифаќаат на себе одговорноста за цели нации, православието станува неразделен дел од националното сознание на народите. Тоа важи за Грците, кои го персонифицираат православието со елинизмот, за Русите, кои имаат свој ирационален месијанизам за „Свјатаја Рус“, за Србите, кои не прават разлика меѓу православие и „светосавље“ (духовното наследство на св. Сава).

Силата на тие различни форми на религиозен национализам е огромна. Комунистите се покажаа беспомошни пред неа. Таа сила доаѓа од фактот, дека христијанството е длабоко вкоренето во општеството, во семејните традиции, во светогледот на цели нации: сето тоа е забележително постигнување на автентичниот христијански дух, којшто опфаќа и промена на целиот човечки живот, а не како што е во нашата секуларизирана цивилизација само на еден изолиран дел од нашите животи. Таа полнота на христијанскиот живот, е резултат од дејноста на великите светии на минатото, светите отци на Црквата, св. Сергиј во Русија, св. Сава во Србија.

Но, во текот на XIX век се добива нешто ново. Балансот меѓу религијата и културата се изгубил. Наместо да си го осветат националниот живот преку додавање во него на високите идеали за едната Црква, како што правеле светите отци св. Сергиј и св. Сава, православните од тие региони започнуваат да ја користат Црквата како инструмент за овековечување на нивните национални, политички и културни интереси. Тие започнуваат да мислат за себеси како за припадници на „грчкото православие“, „руското православие“ или „српското православие“, како тоа да се различни религиозни „деноминации“.

Св. ап. Павле се судрил со слична ситуација во Коринт, каде христијаните со јудејско потекло и христијаните од паганско потекло создале одделни општини. Тој им пишува:

„Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла. А ова ви го велам, затоа што еден од вас вели: „Јас сум Павлов“, друг: „А јас сум Аполосов“, трет: „Јас сум на Кифа“, а друг: „Јас, пак, Христов“. Па зар Христос се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или, пак, во името Павлово се крстивте?“ (1Кор. 1, 10-13).

Протојереј Јован Мајендорф