Во тешките моменти прибегнувајте кон Бога, отворете го своето срце пред Него, спомнувајќи си за пророчките зборови: „Бог ни е сила и прибежиште. Он е помошник секому, што во мака ќе се најде“ (Пс. 45, 2).
Кога моето срце ќе се најде во очај, тогаш кон Господа ќе повикам. „Кон Тебе, Господи, повикав, и на мојот Бог, му се помолив“ (Пс. 29, 8). „Пред Него ќе го излијам молењето мое: маката моја пред Него ќе ја искажам“ (Пс. 148, 2). „Ме услиша Господ и ме помилува, и Бог стана помошник мој. Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене костретот и ме препаша со веселба“ (Пс. 29, 10-11).
Дали поради неопходност или по службена должност, кога вие ќе се најдете во центарот на светот и во неговите соблазни, всушност сте поставени на бојното поле. Немајќи можност да се оттргнете од него, секогаш треба на памет да ги имате Божјите заповеди и Неговото смирение. Ако не можете да се подигнете на нивото на добродетелте, обидете се барем да не се спуштате во бездната на пороците.
Секојдневните мали гревови секогаш чистете ги со покајание и смирение, во мислите сметајќи се себеси како последни од сите.
Едно мало смирение ќе ве зачува од сите ѓаволски мрежи и стапици. А јас, како што гледам, поради тоа што не успевате да се исправите и да ги зголемите своите добродетели, се оддавате на тагата и вознемиреноста, и преку нив се лишувате од спокојството. Сето тоа е знак на самољубие и гордост.
Имате желба да се видите себеси како праведни, па кога нема ова да го достигнете, вие се вознемирувате; а кога ова би го постигнале, тогаш ќе се вовлечете во гордоста, и ќе станете најстрог судија на оние кои имаат пороци. На тој начин, вие уште повеќе би згрешиле пред Бога. Светата Црква ни заповеда да се молиме: „Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудам мојот брат“. Зошто не се молиме: „Дај ми да ги согледам своите добродетели?“ Затоа што тоа би нè однело во гордост и самоизмама, а молбата за осознавање на своите гревови ни дава смирение.
Великите светители, и покрај сите свои квалитети, се смирувале при секое искушение, а тоа уште повеќе ги засилувало нивните добродетели.
Преподобен Макариј Оптински