Од апостолско време па до денес, сите оние кои навистина Го љубат Христа, ја почитуваат и онаа што Го родила, Го воспитувала и се грижела за Него кога Тој бил дете. Ако Бог Отецот ја избрал, Светиот Дух слегол врз неа, а Бог Синот се вселил во неа и ѝ бил послушен во Неговото детство и се погрижил за неа додека висел на крстот, тогаш, секој кој ја исповеда Света Троица зарем не е должен нејзе да ја велича?

Христовите Апостоли, уште за време на нејзиниот живот на земјата, ѝ посветувале големо внимание и биле многу приврзани кон Мајката Господова. Ова особено важи за евангелистот Јован Богослов, кој до крај исполнувајќи ја волјата на нејзиниот Божествен Син, од моментот кога Господ од крстот му рекол: „Еве ја твојата мајка“, ја зел при себе и се грижел за неа како за сопствена мајка.

Евангелистот Лука насликал неколку нејзини икони, некои заедно со Предвечниот Младенец, а некои без Него. Кога ги донел и ѝ ги покажал на Пресвета Богородица, таа ги одобрила и рекла: „Благодатта на мојот Син нека биде со нив“ и ги повторила зборовите што претходно ги беше изрекла во куќата на Елисавета: „Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој“.

Дева Марија, уште за време на својот земен живот, се повлекувала пред славата што како на Мајка Господова всушност ѝ припаѓала. Таа претпочитала да го живее својот живот во тишина, подготвувајќи се за заминување во вечниот живот. До последниот ден од нејзиниот земен живот, таа се грижела за да се покаже како достојна за Царството на Нејзиниот Син и во моментите пред самата смрт се молела за Тој да ја избави нејзината душа од злите духови кои ги пресретнуваат душите човечки на патот кон небесата, обидувајќи се да ги зграпчат и со нив да ги одвлечат во пеколот. Господ ја услишал молитвата на Својата Мајка, и во часот на нејзината смрт, Тој Самиот се спуштил од небесата со мноштво ангели за да ја прими нејзината душа во своето крило.

Бидејќи Богородица се молела за да добие можност да се збогува со Апостолите, Господ ги собрал сите нив околу нејзината смртна постела, освен Тома. Со невидлива сила тие биле донесени во Ерусалим од целиот свет каде во тој момент проповедале, и со тоа добиле можност да присуствуваат на нејзиниот блажен премин кон вечниот живот.

Апостолите го погребале нејзиното чисто тело со свечени погребни песни. А по три дена, заедно со апостол Тома, кој тогаш пристигнал во Ерусалим, тие го отвориле гробот за повторно да се поклонат на моштите на Богородица. Но, не наоѓајќи го телото во гробот, тие во недоумица се вратиле во својот дом. Таму, за време на појадокот, сјаејќи со небесна светлина, им се јавила самата Богородица вивната во воздухот, и им рекла дека нејзиниот Син го прославил нејзиното тело и дека таа воскресната стои пред Неговиот престол. Патем, им ветила дека секогаш ќе биде со нив.

Апостолите со голема радост ја поздравиле Богородица и продолжиле да ја почитуваат, не само како Мајка на нивниот возљубен Учител и Господ, туку и како своја небесна помошничка, како заштитничка на христијаните и како застапничка на целиот човечки род пред Праведниот Судија. И секаде, каде и да се проповедало Христовото Евангелие, Неговата Пречиста Мајка се славела и прославувала.

Св. Јован Шангајски