На Христа, возљубени, по Божја сила и премудрост му доликува ова раѓање, за Тој да биде подобен нас во сè по Својата човечност, и во исто време да нè надминува во Својата божественост. И ако не беше Он вистинскиот Бог, немаше да ни донесе исцелување, а ако не беше вистински Човек, Тој немаше да ни служи за пример. Затоа, кога се роди Господ, радосните ангели ликуваа, пееја и објавија: „Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“. Тие гледаат и знаат дека Небесниот Ерусалим се изградува од сите народи во овој свет. Колку би требало да се возрадуваат луѓето на ова неискажливо дело на Божествената љубов, ако на тој начин му се радувале ангелите од височините?!

Возљубени, да Му благодариме на Бога Отецот преку Неговиот Син во Светиот Дух, Кој преку Својата голема милост, откако нè возљуби, се смилува на нас умртвените од гревот, и нè оживеа преку Христа, за во Него да станеме нова твар и ново создание. Да го отфрлиме стариот човек со неговите дела, и станувајќи учесници во Рождеството Христово, да се одречеме од делата на плотта.

Познај го, христијанину, твоето достоинство и со тоа што ќе станеш учесник во Божествената природа, не враќај се на својата претходна ништожност преку недостојно поведение. Помни, на која Глава си член и какво Тело претставуваш! Не заборавај дека откако се спаси од власта на темнината, беше пренесен во светлото Царство Божјо. Преку Светата тајна на Крштевањето си станал храм на Светиот Дух. Не изгонувај го таквиот Жител со порочни дела и повторно не покорувај се на ропството на ѓаволот, зашто твојата цена е крвта Христова и според правдата ќе ти суди Оној, Кој те откупил со Своето милосрдие. Оној, Кој заедно со Отецот и Светиот Дух царува во вечните векови. Амин!

Свети Лав Велики, папа Римски