Сите дела и сите чуда Христови се величенствени, но највелико од сите е животворниот Крст. Со ништо друго, освен со Крстот, смртта е обессилена, гревот на прародителите Адам и Ева е уништен, пеколот е погазен, ни беше дадено воскресението и ни е дарувана сила за да се издигнеме над суетниот живот и да не се плашиме дури и од самата смрт. Како, впрочем, станавме чеда Божји и наследници на Царството, ако не преку Крстот на Господа Исуса Христа?
Сѐ преку него е направено: „Ние што во Христа се крстивме, во Неговата смрт се крстивме“ (Рим. 6, 3) и „во Христа се облековме“ (Гал. 3, 27). Зашто Христос е „Божја сила и Божја премудрост“ (1. Кор. 1, 23). Еве, гледате ли како смртта Христова, т.е. Крстот Христов, со Божја сила и премудрост нѐ облече. Тој е знакот што ни е даден на лицето, како на Израил обрезувањето. Поради него, ние христијаните немаме духовно општење со неверниците, а помеѓу себе сме си едно. Тој е нашиот штит, нашето оружје и нашата победа против ѓаволот. Тој е нашиот печат, за да не допре до нас погубителот (2. Мој. 12, 7; 12, 29). Тој ги крева паднатите и ги утврдува стабилните, тој е потпора на немоќните, жезол на пастирите и раководител на верните – тој е дрвото на вечниот живот (Бит. 2, 9).
Токму ова Свето Дрво, драгоцено за срцето на секој христијанин, ние со право го почитуваме и достоинствено му се поклонуваме – зашто на него Христос се принесе како жртва за нас и тоа се освети од Неговото свето тело и крв. Ние, исто така, се поклонуваме и на образот на чесниот Крст, макар да е направен и од друга материја – но ние не се поклонуваме на материјата, туку на првообразот и распнатиот на него Христос.
Самиот Спасител им рече на Своите ученици: „Тогаш ќе се појави на небото знакот на Синот Човечки“ (Мат. 24, 30), а тоа е чесниот Крст. Затоа ангелот и им рече на жените мироносици по воскресението Христово: „Знам дека го барате распнатиот Исус“ (Мт. 28, 5), а апостолот вели: „Ние Го проповедаме Христа распнатиот“ (1. Кор. 1, 23). Тој не рече „прободениот“, туку „распнатиот“!
Дрвото на животот засадено во рајот (Бит. 2, 9) беше предвесник и праобраз на чесниот Крст. Бидејќи смртта дојде поради дрво, и животот и воскресението требаше да бидат дарувани преку дрвото. Јаков ги положи рацете во вид на крст за да ги благослови Јосифовите синови (1. Мој. 48, 13-19), а Мојсеј со својот жезол крстообразно го осени и го подели морето (Излез 14, 21-27).
Со еден збор кажано, преку Крстот се изврши спасението на целиот свет.
Св. Иларион Мегленски