Понекогаш победата носи штета, а поразот корист. Така, меѓу раздразнетите луѓе, за победител обично го сметаат оној кој ќе нанесе повеќе навреди. Но, баш тој е победениот и нагрдениот со најлутата страст, а оној кој рамнодушно ја поднел навредата, тој всушност победил и останал на височините. Оној, првиот, не можел да се излечи од својата сопствената болест, а овој, другиот, ја истрпел туѓата. Првиот е победен од себеси, а другиот се издигнал над него, и не само што самиот не се разгорел, туку го изгасил зачадениот пламен на првиот.

Затоа, да не бараме секогаш победа. Секако, напаѓачот обично однесува победа над нападниот, но тоа е тажна победа, бидејќи таа му носи пропаст на победникот. Меѓутоа, навредените и привидно победени, кога великодушно ја поднесуваат навредата, без сомнение го добиваат својот венец. Во многу случаи подобро е да се претрпи пораз, и ова е дури најдобриот начин на победа. Ако некој некого ограби, или му нанесе удари, или му позавиди, оној кој не би покажал противење, би останал победител.

Но зошто да се говори за кражба и завист? Победник е и оној кого го влечат на мачење, кој поднесува окови, тепање, сечење и грозна смрт. Во обичната борба падот се смета за пораз, а кај нас христијаните – за победа. Ние никогаш не стануваме победници кога правиме зло, а исто така и извојуваме сјајна победа тогаш кога со трпение ги победуваме оние кои нè навредуваат. Јасно е дека ваквата победа е од Бога, затоа што таа има спротивно својство на обичната победа, а тоа ни служи како доказ за моќта. На тој начин и морските карпи ги расекуваат брановите кои удираат во нив. Така и сите светии се прославиле, овенчале и воздигнале за себе сјајни трофеи, тогаш кога, без противење, извојувале таква победа. Не вознемирувај се, не возбудувај се, Бог ти дал моќ, само и единствено преку трпение, да победуваш без борба. Не војувај, не излегувај на бој – и постојано ќе победуваш. Не војувај – и ќе добиеш венец, ти си посилен од најсилниот твој противник. Зошто се срамиш себеси? Не давај му да рече дека ти си победил војувајќи, туку пушти го нека се чуди на твојата непобедива сила и на сите нека им говори како ти си го победил без војна.

Така и блажениот Јосиф се прослави, заради тоа што со трпението ги победи своите злосторници. И браќата и Египќанката смислувале зло за него, но тој сите ги победил. Не зборувај ми ни за темницата каде тој бил затворен, ниту за царската палата каде живеела онаа жена, но речи ми: кој бил поразен, а кој останал победител, кој бил во жалост, а кој во радост? Египќанката не само што не можела да го победи овој праведник, туку не ја надминала ни својата сопствена страст, а тој ја победил и неа и сè друго останато. Ако сакаш, чуј ги баш нејзините зборови, па ќе ја видиш победата: „Слугата Евреин, кој ни го доведе, дојде кај мене за да ме посрами“ (1. Мој 39, 17). Не те срамоти слугата, несреќна и ништовна жено! Туку ѓаволот кој ти шепнал, дека ти можеш да скршиш дијамантот.

А што направил Јосиф? Тој молчи, и така станува осуден како и Христос. Оти сè што се случило со него, ни служи како праобраз на она што се случило со Христос. Јосиф бил во вериги, а онаа жена во царската палата. Но, каква е вредноста на тоа? Тој, иако во вериги, бил пославен од секој круноносец, а таа, иако живеела во царски одаи, била понесреќна од секој заробеник. Всушност, не само овде треба да се бара победата и поразот, туку и во самиот завршеток на делата. Кој во тој момент го достигнал она што го сакал? Заробениот, а не царицата. Тој се трудел да ја сочува целомудреноста, а таа сакала да го лиши од тоа. Кој, значи, се здобил со она што го посакувал: оној ли, кој го истрпел злото, или онаа, која сторила зло? Очигледно тој, кој го претрпел зло. На тој начин тој извојувал победа.

Сега, кога ова го знаеме, да ја бараме онаа победа која се здобива преку трпение, а да ја избегнуваме онаа која се достигнува преку нанесување зло. Така ќе го поминеме сегашниов живот безметежно и сосема спокојно, и ќе ги достигнеме идните блага – преку благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому нека е слава и сила во сите векови. Амин!

Св. Јован Златоуст