Вистинскиот живот е Отецот, Кој преку Синот и Светиот Дух кај сите ги излева небесните дарови. Преку Неговото човекољубие ни е ветен вечниот живот. Не треба да се соменавме во вистинитоста на ова. Не треба да размислуваме за нашата слабост, туку за Божјата семоќ: за Него сѐ е можно! Бидејќи е така, и ние треба да го очекуваме вечниот живот, како што вели Павле: „и така, секогаш ќе бидеме со Господа“. Да се биде постојано со Господа значи да се живее вечно. Спасителот многу јасно кажува во Евангелито: „Праведниците ќе отидат во вечен живот“.
Постојат многу докази поврзани со вечниот живот. Нам, кои сакаме да го наследиме и да го здобиеме тој вечен живот, Божјото Писмо ни нуди средства со помош на кои ќе го оствариме посакуваното. Еве некои од нив: „Оној што верува во Синот ќе има живот вечен“. На друго место стојат зборовите на Спасителот: „Вистина, вистина ви велам, кој ги слуша Моите зборови, и ги исполнува, ќе има вечен живот“. Спасителот вели: „Кој жнее добива плата и го собира плодот за вечен живот“. Некогаш тоа е маченичкиот подвиг и исповедањето на Христа, бидејќи Тој вели: „Кој ќе ја загуби својата душа во овој живот, ќе ја зачува за вечниот“. Понекогаш, имотот и роднините: „И секој што ќе го остави својот брат или сестра заради Мене, ќе наследи вечен живот“. Некогаш, поради исполнувањето на заповедите: „Не прави прељуба, не убивај…“. Или поради напуштањето на лошите дела: „А сега, ослободени од гревот, станувајќи Божји слуги, имате свој плод за осветување, а на крајот – вечен живот“.
Ако некој и понатаму му робува на гревот, тој со вера нека се подготви за слободата и посинувањето, и ослободувајќи се од ваквото ропство, нека стапи во најблажено служење на Господа; преку исповедта на верата нека се удостои со наследство на Небесното Царство и нека го соблече стариот човек кој пропаѓа во опрелестени страсти. Преку верата се добива залог од Светиот Дух, со што ќе ви биде олеснет пристапот во вечните живеалишта.
Постојат уште многу други средства за вечен живот кои не ги спомнав, бидејќи се многу. Господ, единствениот човекољубец, не отворил само една врата или две, туку отворил многу порти за влез во вечниот живот, за да го наследиме сите, доколку не постојат некои други пречки.
Сега само накратко зборував за вечниот живот. Сите ние кои поучуваме, и вие кои се поучувате, да бидеме удостоени со него преку Божјата благодат.
Свети Кирил Ерусалимски