– Пријдете, сите народи, кон бесмртното крштение. Кон живот ги повикувам оние кои пребиваат во мракот на незнаењето. Пријдете од ропство во слобода, од тиранија во царство, од смртност во нетленост.

– А како, велиш, да пријдеме?

– Преку водата и Светиот Дух. Преку вода соединета со Духот, со која се наводнува рајот, со која се храни земјата, преку која расте дрвото, во која се раѓаат животните и пред сè, во која оживува новородениот човек, во која се крстил и Христос и врз Кого се спушти Духот во вид на гулаб.

Тоа е Духот Кој во почетокот „лебдеше над водата“ (1. Мој. 1, 2) и Кој ја создаде вселената, Кој ја изгради тварта и од Кого произлезе сѐ што е живо, Кој дејствуваше преку пророците и Кој слезе врз Христа. Ова е Духот Кој дојде врз апостолите во вид на огнени јазици. Тоа е Духот кон Кого се стремел Давид, велејќи: „Срце чисто создај во мене, Боже, и дух цврст обнови во мојата внатрешност“ (Пс. 50, 12). За овој Дух, Гаврил ѝ кажува на Дева: „Светиот Дух ќе слезе врз тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лука 1, 35). Со овој Дух Петар ги изговори оние блажени слова: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Мат. 16,16). Преку овој Дух е положен Каменот на Црквата. Ова е Духот – Утешител, Кој е испратен при тебе за да те направи чедо Божјо.

Дојди најпосле, прероди се човеку за Божјо посвојување.

– Но како? – велите вие.

– Не прави повеќе прељуба, не убивај и не поклонувај се на идоли. Не опивај се во чувствени наслади и не предавај се на гордоста. Не потонувај во нечистотијата на неморалот и очисти се од бремето на гревот. Побегни од оружјето на ѓаволот и вооружи се со оклопот на верата, како што рекол Исаија: „Измијте се, очистете се, отстранете ги од моите очи вашите лоши дела; престанете да правите зло; научете да правите добро; барајте правда, избавувајте ги угнетените, заштитувај го сиракот, застапи се за вдовицата. Потоа дојди – и јас ќе ти судам, вели Господ. Вашите гревови нека се и како црвеница – како снег ќе ги побелам, нека се црвени и како пурпур – како волна ќе направам да бидат бели. Ако барате и послушате, ќе  јадете од благата земни“. (Иса. 1, 16-19).

свети Иполит Римски