ПОУКИ

Биди постојан во читањето на Светите книги, а особено на Светото Писмо. Тоа ќе ги оттргтне од тебе сите нечисти мисли. Ако со усрдност ги читаш споменативе книги и ги исполнуваш заповедите Божји, Божјата милост секогаш ќе биде со тебе.

Повеќе сакај го прекорувањето, отколку почитувањето и укажувањето на чест; повеќе сакај го заморот на телото, отколку одморот; повеќе сакај го недостатокот на потребните работи, отколку недостатокот на непотребните.

Кога си во црква не размислувај за световните работи, ниту пак за тоа како ќе ги средиш своите земни работи.

Не откривај ги своите мисли на секого за да не го соблазниш ближниот. Исповедај ги  своите мисли само на оние кои можат да ја излечат твојата душа. Спрема секого биди пријателски расположен, но секој нека не ти биде советник.

Однесувај се на начин да те благослуваат сите луѓе.

Оттргни се од лагата, зашто лагата ќе го оттргне од тебе стравот од Бога.

Устата твоја нека ја говори само вистината. Не колни се во вистинита, особено за сомнителна работа.

Ако си започнал некоја работа, а видиш дека не е по волја Божја, веднаш напушти ја.

Угледај се на оние кои се подобри од тебе, кои го љубат Бога со сето свое срце и кои прават добри дела. Нив прашувај ги и од нив барај совет. Избегнувај ги световните луѓе, кои мислат и говорат само за земните работи.

Не другарувај со горделиви луѓе, туку со кротки и благочестиви.

Биди скромен во сè: во движењето на телото, во говорот, во облеката, во седењето, во однесувањето, во својот дом, во сè пред сите и пред секого.

Доколку некој те прекори за каков и да било грев кој не си го сторил, не гневи се, туку смири се и Бог ќе те награди.

Не  гневи се и не биди злопамтило кон оној што те налутил, зашто можеби и самиот си виновен  за тоа.

Не плаши се од човековото презирање и клеветење. Секој кој побожно сака да живее ќе биде прогонуван, клеветен и презрен.

Не оставај ја волјата Божја неисполнета и не нарушувај ги Божјите заповеди, за да стекнеш човечко пријателство.