Преподобниот Герасим бил голем испосник и подвижник. Тој основал манастир недалеку од светиот град Ерусалим. Уставот на манстирот бил многу строг. Пет дена во неделата монасите живееле осамено, во молитва и работа. Нивното ракоделие било плетењето кошници од палмини гранки. Во сабота и недела, тие доаѓале во манастирот, се собирале во храмот на Божествена Литургија и се причестувале со Светите Христови Тајни.

Еднаш, отец Герасим одел по Јорданската Пустина и сретнал лав. Лавот завивал од болка. Отец Герасим не се уплашил, туку, имајќи добро и сострадално срце, побрзал да му помогне на лавот. Откако ги прегледал неговите шепи, Старецот забележал голем трн во едната од нив. Тој го извадил трнот, ја измил раната и му ја преврзал шепата на ѕверот со чиста крпа. Лавот, во знак на благодарност, почнал да му ги лиже рацете на својот доброчинител. Кога преподобниот Герасим тргнал да си оди во манастирот, лавот заминал по него. Така, излекуваниот ѕвер се приврзал за светиот Герасим.

Сите се чуделе на постапките на лавот, на кого му дале име Јордан. Радосно огласувајќи се, тој секојдневно доаѓал во манастирот и јадел од рацете на својот стопан.

Монасите имале магаре, на кое носеле вода од реката Јордан за потребите на братството. На лавот му наредиле да го чува магарето, и тој тоа го правел многу добро. Но, еднаш тој многу се оддалечил од магарето и, уморен, заспал на сонцето. Во тоа време, покрај тие места поминувал некој трговец од Арабија. Тој го видел магарето и го зел со себе. Кога лавот се вратил на местото каде што пасело магарето, него таму веќе го немало. Свиткувајќи си ја опашката, лавот полека се довлекол кај отец Герасим.

-А каде е магарето ? – прашал Старецот. Лавот само виновнички издишувал. Отец Герасим мислел дека лавот го изел и се налутил на ѕверот. А потоа му рекол ,, Сега ти ќе правиш за манстирот се што правеше магарето,, 

Лавот го послушал и почнал да ја носи водата, смирено потчинувајќи му се на својот стопан.

По некое време, трговецот се враќал по истиот пат дома. Со него били и манастирското магаре. Јордан го забележал својот другар и тргнал да го ослободи. Кога трговецот и неговите слуги го здогледале страшното животно, се разбегале на разни страни. Јордан дотрчал до магарето, ја фатил уздата со својата челуст и, како што правел порано, го повел магарето дома.

Кога го видел тоа, преподобниот Герасим се насмевнал и им рекол на монасите – залудно го каравме лавот. Лавот поживеал покрај манастирот пет години,

Дошло врме и Господ го повикал кај себе својот верен слуга, преподобниот Герасим. Лавот во тоа време не бил во близина на манастирот. Кога се вратил, секаде го барал својот стопан, нио никаде не можел да го најде. Тогаш монасите му го покажале гробот на Старецот. Кога го видел гробот, лавот почнал тажно да рика, а потоа уште еднаш силно викнал и паднал мртов. Јоедан не можел ништо да каже со зборови, но по Божја волја, го прославил Старецот, а нам ни покажал како послушни му биле ѕверовите на Адам пред неговиот пад во грев и изгонувањето од рајот.

Извадок од книгата 

,,Венец на светоста”  д-р Дмитриј Авдеев