Денес, славејќи го овој голем и славен прв апостол, прв маченик, прв евангелист и претеча на сите вистински христијани низ вековите, ние му се поклонуваме на неговото радосно страдање за Вистината Христова, и за неговото свето Евангелие и за светото апостолство и за светото мачеништво. Еве, и по две илјади години, он, кој дозволи беззакониот цар да го пресече, прави безброј чуда на земјата, живеејќи покрај Господа Христа токму во овој свет. Две илјади години тој непрестајно прави чуда на сите души што во молитвите му се обраќаат.

Ете, брате и сестро, кога ќе се соочите со некоја голема мака, обратете се кај првиот Христов апостол, и тој ќе ви помогне во сите ваши тешкотии. Кога си во некоја голема неволја, обратете се на овој прв евангелист. Без разлика каква горчина и да има во вас, он во вашата измачена душа таинствено ќе ви испрати утеха од оној свет. И кога се наоѓате во искушенијата и ужасите на овој земен живот, вие обратете се кон него, кон светиот исповедник, покажете му го своето срце, раскажете му ја својата душа и бидете убедени – тој ќе се спушти во вашата душа на таинствен и божествен начин и ќе ве спаси, и ќе ве избави од сите искушенија и неволји.

Но, ако треба да пострадаш за Господа Исуса Христа во овој свет на тебе навалуваат луѓе од сите страни, и безбожници и атеисти, кои сакаат да те уништат ако си Христов, кои сакаат да ги замолчат устите што говорат за Христос, тогаш сети се на него, на првиот маченик, и повикај кон него: О, свет маченику, прв евангелски маченику Христов, побрзај да ми помогнеш! Дозволи ми и јас да умрам за Господа Исуса Христа, да го оставам телото како минлива облека и да влезам во Царството Христово, преку светиот пат на мачеништвото!

И тој ќе се помоли на Господа за и ти да влезеш во редот на светителите. Така, денешниот мал Велики петок се претвора за нас во голема велигденска радост. Мал петок, но величествен Велигден – Воскресение за сите христијани од сите векови. И за нас денес, и за мене и за тебе, за секој денешен христијанин, денешниот Велики петок е истовремено и Велигден, бидејќи ние го славиме вечно живиот на небесата свети Јован Крстител Господов. Кога ја победи смртта што му ја нанесе Ирод, тој јуришаше во небесниот свет, за да биде првиот по Богородица до својот Господ Исус Христос. Ја имате видено иконата „Деисис“, што значи молитва: Господ седи на престолот на славата како Цар Небесен, на десната страна од него – Пресвета Богородица, а на левата – Светиот Претеча. Се молат Нему за родот човечки.

Неговите свети молитви нека бидат упатени и денес, и утре, и засекогаш, и нека се вознесат за сите христијани и за сите луѓе на овој свет. Бог сите нека ги покае, сите да ги помилува, сите нека ги спаси. Сите луѓе, предводени од славниот Претеча, вечно нека го слават Единствениот Вистински Бог во сите светови – Господ Исус Христос, Кому нека Му е чест и слава, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!

Св. Јустин (Поповиќ)