За да се исправиш себеси и да станеш вистински христијанин, односно следбеник Христов, постави го пред своите душевни очи светиот живот Христов и често гледај кон него и усвојувај го Неговиот пример. Ако твоето срце тоа не го сака бидејќи е скршено, ти ќе мора да се присилиш и да се убедиш себеси во прифаќањето на прекрасните Христови добродетели. Понекогаш се гледаш во огледало за да видиш какво ти е лицето, дали има на него некакви дамки, и кога ќе видиш дека навистина ги има, се обидуваш да ги измазниш. Непорочниот Христов живот нека биде огледало за твојата душа. Погледнувај во него често и ќе видиш каква е твојата душа, дали го сака она што и Христос го сака и дали го прави она што и Христос би го направил кога живеел на земјата. И, ако видиш во него нешто што е спротивно на Христовиот живот, исчисти го сето тоа како и дамките на лицето, со покајание и срдечна скрушеност.

Господ Исус Христос ги презирал во овој свет почестите, славата и богатството, иако како Господ на сите можел да има сè. А ти, бараш ли почести, блаженство и слава во овој свет?

Христос живеел во смирение на земјата: а ти, живееш ли во гордост и раскош?

Христос бил љубезен и милостив кон сите: а ти, дали мразиш и дали се озлобуваш кон луѓе подобни на тебе?

Иако укоруван, Христос никого не прекорил: а ти, го прекоруваш ли човекот што те прекорил на било кој начин и уште полошо, го прекоруваш ли човекот што никако не те прекорил? – Ти си ваков, ти си таков, ти си измамник, ти си никаквец, арамија итн.

Христос бил кроток кон сите хулители, а ти, хулиш ли на оние што те хулат?

Христос никому не се одмаздил, иако во еден миг би можел да ги уништи своите непријатели: а ти, се одмаздуваш ли на оние што те навредуваат?

Христос издржа сè: а ти, дали ропташ и хулиш кога ќе те снајдат несреќи и страдања?

Св. Тихон Задонски