Атинската академија несомнено била најпознатата образовна институција на своето време. Основана од големиот Платон во IV век пред Христа, таа не го изгубила своето значење до IV век после Христа, кога во неа учел Св. Григориј. Во тоа време, во Атина преовладувал неоплатонизмот со остро нагласена теургиска насока: Св. Григориј подоцна ѝ приговарал на Атина заради тоа што изобилувала со „лошо богатство“ (идоли), кои таму ги имало многу повеќе отколку во цела Елада, така што било тешко да не се поведеш по оние што ги фалеле и заштитувале.

Сепак, и влијанието на христијаните во Академијата станувало сè поосетно. Христијаните таму држеле катедри заедно со нехристијаните; така, предавачи по софистика на св. Григориј му биле паганинот Химериј и христијанинот Прохересиј. Меѓу учениците, исто така, имало и христијани и пагани, при што не се правела разлика според вероисповедањето; секој можел слободно да исповеда една или друга религија. Академијата била светска образовна установа и нејзините врати биле отворени за секого што бил способен за учење и имал доволно финансиски средства за да ја плати својата наобразба.

Академијата нудела разновидно образование. Основни предмети кои се изучувале во неа биле реторика и софистика: во Атина, св. Григориј го здобил своето ораторско мајсторство, кое подоцна му донело светска слава. Основни литературни обрасци при изучувањето на реториката останувале делата на Хомер, Еврипид и Софокле, спомениците на античката проза и поезија, во кои превенствено се наоѓале митолошки сижеа. Опширните познавања од областа на античката митологија, со кои св. Григориј се разликувал од другите отци на Црквата во IV век, во најголема мерка ги должел на својот престој во Атина. Особеноста на неговиот литературен стил, во голема мера се должи на неговите професионални знаења од реториката.

Во Академијата, на филосфијата ѝ се посветувало помало внимание, во споредба со реториката и софистиката. Единствено Платон и Аристотел се изучувале изворно, при што поголемо внимание се обраќало на нивниот стил во споредба со самото учење; со останатите философи се запознавале преку учебници. Впрочем, студентите кои посериозно се интересирале за философијата, можеле да се запишат кај некои од професорите за постојана обука. Веројатно, св. Григориј не ја изучувал филосфијата на такво ниво; макар што во неговите написи постојано се спомнуваат, покрај Платон и Аристотел, и многу други антички философи, но воглавно неговите наводи не покажуваат детално познавање на изворниците и имаат општ карактер. Св. Григориј широко го користел јазикот на неоплатоничарите, сепак, како што претпоставуваат научниците, немал длабоки познавања од нивната философија. Многу неоплатонски идеи св. Григориј ги позајмувал не од изворниците, туку од делата на Ориген. Една од традициите на Академијата, која го правела образовниот процес помалку формален, а поинтересен, биле натпреварите на софистите кои се одржувале како на ниво на учителите, така и меѓу студентите. Сепак, духот на конкуренција кој постоел помеѓу софистите создавал и свои проблеми, бидејќи секој од нив прибирал околу себе група следбеници; неретко соперништвото меѓу поедини групи се претворало во долга дебата, во која претставниците на секоја група се трудела на своја страна да ги придобијат студентите, воглавно новодојдените. Според св. Григориј вела Елада, во она време, била поделена на интересни сфери помеѓу софистите и реторите:

„Софистоманијата во Атина им е својствена на многумина млади и на могумина неразумни луѓе – не само оние кои немаат благородничко потекло и име, туку и на познати и прочуени, кои формираат метежна толпа од момчиња кои не ги контролираат своите емоции. Истото може да се види и на коњичките натпревари, каде страстните поклоници на коњите скокаат, врескаат, фрлаат земја во височина, небаре ги управуват коњите од место, маваат во воздухот, со рацете удираат како по коњите, а секако дека немаат никакво влијание врз ситуацијата… Со таквата страст се опфатени и атинските момчиња, во однос на своите учители и нивните соперници. Тие прават големи напори за нивната група да стане побројна и преку тоа нивните учители да се збогатат; сето тоа е многу чудно и жалосно. Зафатени се градовите, патиштата, пристаништата, врвовите на горите, рамниците, пустините; во земјата не е оставена ни една област на Атика и во целата Елада, заедно со мнозинството жители, зашто и овие последните се поделени по партии“.

Од првите денови на својот престој во Атина, св. Григориј се впуштил во бурната атмосфера на универзитетскиот живот. Сепак, како што раскажува самиот, него малку го интересирале вообичените студенстски разоноди; тој, пред сè останато, го претпочитал тивкиот и осамен живот. Негова главна желба била да биде прв во реториката и во другите науки. Да се освојат знаењата кои биле собрани од Исток и од Запад во гордата Елада, во Атина, тоа била целта на св. Григориј.

Св. Григориј, во Атина, покрај широките познавања и реторското мајсторство, како главна придобивка од тој период го истакнувал неговото пријателство со св. Василиј, тоа светло и среќно искуство на човечкото другарување, кое тој го сметал за многу повредно од сите свои научни достигнувања. „…Барајќи знаење, ја најдов среќата, го доживеав истото што и Саул, кој барајќи го своето магаре, го нашол царството “ – велел по тој повод св. Григориј. Св. Григориј го познавал св. Василиј и пред тоа. Нивните патишта се вкрстиле во Кесарија Кападокиска. Но, токму во Атина нивното познаство прераснало во другарство, еднодушност и сродство, за кое св. Григориј, дури и на стари години не можел да не си спомне без душевен трепет.

Св. Василиј пристигнал во Атина наскоро после св. Григориј. По некое непишано правило, секој новодојден морал да добие порција подбивања и шеги од другите студенти; тое било своевиден испит на издржливоста, кој изгледал многу тежок за оние кои порано не биле предупредени за таквиот обичај. Во еден од првите денови новодојдениот го воделе во бањата, опсипувајќи го по патот со потсмев; кога тој ќе пристигнел до вратата, му го попречувале патот и не му дозволувале да помине; сето тоа било придружено од луди извици и ракоплескања. Конечно, толпата студенти, заедно со новиот, се втурнувале во вратата. Ако тој сето тоа го издржел, по излегувањето од бањата, го пречекувале како рамен на нив. Обредот на „посветување“ на студентите завршувал со свечено облекување на бруцошот во малинова мантија, која обично ја носеле студентите софисти.

Св. Григориј веројатно го поминал овој ритуал, кога бил примен во Академијата; и св. Василиј го очекувала истата судбина. Сепак св. Григориј, дознавајќи порано за пристигнувањето на св. Василиј, не само што самиот го пречекал како рамен на себе, туку ги убедил и другите студенти да се однесуваат кон него со почит, па поради тоа св. Василиј ја избегнал вообичаената церемонија. „Таков беше почетокот на нашето пријателство, оттука е првата искра на нашиот сојуз; така се спријателивме“ – вели св. Григориј.

Пријателството меѓу св. Василиј и св. Григориј било зацврстено после следниов случај: Некоја група студенти – Ерменци, приоѓајќи му на св. Василиј го предизвикале на софистичко надмудрување, во кое се вмешал и св. Григориј. Тој најпрво застанал на страната на Ерменците, но откако сфатил дека тие само сакаат да го посрамат, неочекувано „го свртел кормилото“ и го поддржал св. Василиј. Победата на св. Василиј, кој „не престана да ги поразува со силогизми додека не ги принуди да избегаат“ – станала победа и на двајцата. „Овој вториот случај“ – пишува св. Григориј – „разгоре во нас не само искра, туку и светол и висок факел на пријателството“.

Св. Григориј истакнува дека пријателството со св. Василиј се градело на чисто духовна основа; тоа била љубов не плотска, туку целомудрена и духовна; тоа бил сојуз на двајца, целосно предадени на идеалите на философскиот живот и ученоста, кои биле заљубени во Бога и кои биле стремители кон моралното совршенство. Страниците кои св. Григориј ги посветил на своето пријателство со св. Василиј се едни од најсилните во целата патристичка литература:

„Кога по извесно време си ја откривме својата желба и намера да го посветиме животот на философијата, веднаш, еден на друг, се станавме сè – пријатели, сотрпезници, сродници; стремејќи се кон едно и исто, ние ја поттикнувавме таа желба во нас, разгорувајќи и зацврстувајќи ја. Зашто, плотската љубов, е насочена кон минливото и самата бргу изминува како пролетен цвет… А љубовта која е според Бога е целомудрена и нејзиниот предмет е вечното, па затоа таа е и долговечна; и колку поголема е претставата на убавината на оној што има таква љубов, толку поцврсто таа убавина ги приврзува кон себе и меѓусебнозаљубените во едно и исто… Така однесувајќи се еден кон друг и со такви златни столбови потпирајќи го добро изѕиданиот дворец, како што вели Пиндар, одевме напред, имајќи ги за помошници Бога и својата љубов. О, како да раскажувам за тоа без солзи? Исти надежи нè раководеа во најголемото дело – во учењето; впрочем, зависта беше далеку од нас, ревноста, пак, нè правеше уште потрудољубиви. Двајцата се боревме, не за некој од нас да биде прв, туку за да го отстапи првенството на другиот, зашто секој од нас славата на другиот ја сметаше за своја. Се чинеше дека во двајцата една душа носи две тела; и макар што не треба да им се верува на оние што тврдат дека сè во сè е разлеано, сепак бевме убедени дека сме еден во друг и еден покрај друг. Едно дело имавме и двајцата – добродетелта и животот за идните надежи, ослободувајќи се од приземното уште пред нашето заминување од овде. Стремејќи се кон таа цел, целиот свој живот и дејност ги насочувавме кон неа, раковедејќи се во тоа од заповедите и бодрејќи се еден со друг во добродетелите; и ако не е дрско, така да се изразам, ние бевме и правило и мерка со чија помош се распознаваше што е право, а што не е…“.

Во овие редови може да се види носталгична идеализација на младешко пријателство, особено ако се земе предвид дека се пишувани многу години подоцна, кога св. Василиј веќе не бил меѓу живите. Изгледа, од човечки аспект погледнато, св. Григориј бил повеќе приврзан кон св. Василиј, отколку св. Василиј кон него. Иако, односите меѓу св. Василиј и св. Григориј биле засновани на взаемна преданост и еднаквост, сепак св. Григориј секогаш го сметал св. Василиј за постар и поглавен. Тоа се случило кога нивното пријателство, во некоја смисла, преминало во ученички однос: „Мојата работа е да го следам, буквално како сенка.“ – велел св. Григориј. Тој искрено сметал дека св. Василиј во животот, зборот и етичноста ги надминува сите што тој некогаш ги познавал.

Во Атина, каде што паганскиот дух бил многу силен, св. Василиј и св. Григориј живееле христијански, воедно напредувајќи во реторската вештина. Благодарение на тоа, за нив се зборувало не само во градот, туку и пошироко:

„Два пата ни беа познати: едниот – прв и најчесен, вториот – со исто достоинство; првиот водеше кон нашите свети храмови, вториот – кон месните учители и наставници по надворешна ученост. Другото им ги остававме на оние што ги сакаат панаѓурите, театрите, пировите… во Атина можат да бидат погибелни за душите на луѓето… Ние, напротив, таму живеејќи, се утврдувавме во верата, се убедувавме во лажливоста и измамата на идолите; ги презиравме демоните, таму каде што тие им се восхитуваа… Благодарение на тоа станавме познати не само меѓу своите наставници и соученици, туку и во цела Елада, особено меѓу нејзините знаменити мажи. Нашата прочуеност преминуваше дури зад нејзините предели, како што се беше разбрало од раскажувањата на многумина. Зашто, кој чул за Атина тој слушнал и зборувал за нашите наставници, а кој слушнал за нашите наставници тој слушнал и зборувал и за нас…“. Дури и да претпоставиме дека св. Григориј малку ја преувеличува својата прочуеност, тешко дека ќе може да се сомневаме во тоа, дека св. Василиј и св. Григориј постигнале особени успеси во реториката и дека во нив гледале како на идни професори на Академијата.

Св. Григориј на Академијата поминал околу десет години. Тој имал намера да го напушти градот со својот пријател веднаш по завршувањето на студиите, но и на двајцата им било предложено да останат на Академијата како предавачи по реторика. Св. Василиј го наговорил св. Григориј да ја прифатат почесната професија, но самиот, веројатно тајно од св. Григориј, отпатувал. Оваа постапка за св. Григориј не била споива со пријателството, а потоа тој ја сметал и за еден вид на предавство, за што и многу години подоцна си спомнувал со тага. Григориј тешко ја доживеал разделбата со пријателот: тоа беше како расечување на едно тело на два дела, како убиство и на двајцата, или како разделување на две телиња впрегнати заедно и навикнати на еден јарем кои жално мукаат, бидејќи не можат да ја поднесат меѓусебната разделба.

Св. Григориј наполнил триесет години кога ја завршил Академијата. Имал желба да се врати во татковината и да живее философски начин на живот. Сепак, тој ги прифатил молбите на пријателите и некое време останал во Атина како ретор. По враќањето во родното место, тој исто така се занимавал со реторика. Овој краток период го сметал како нужно задржување, кое сепак, се покажало како подготовка за неговата идна плодна дејност на црковната нива:

И сега ми течат солзи,

кога се присетувам на тогашниот смут.

Сите бргу ме опкружија –

и странци и пријатели, врсници, учители;

на преколнувањето и солзите тие им придружија дури и некое присилување –

зашто пријателството им поткажуваше да се осмелат дури и на тоа.

Цврсто ме држеа, велејќи: што и да се случи,

не ќе те пуштиме од овде! Не се должни

нашите Атињани да се лишат од честа,

зашто тие, по општото мислење, тебе ти го припишуваат првенството во речитост.

Јас прифатив – зашто само даб

можеше да одолее на толку солзи и наговарања –

прифатив, но не целосно…

Престојувајќи кратко време во Атина,

се сокрив оттаму, речиси тајно, и заминав на пат.

Пристигнувајќи, го покажав своето искуство во говорништвото,

задоволувајќи ја болеста на оние,

кои тоа од мене го бараа како должност.

Но, не ги сакав ни аплаузите, ни восхитените извици,

ни фасцинирањето или обожувањето,

на кои им се радуваат софистите во толпата млади луѓе.

Над сè друго ја поставив философијата, која се состои во тоа,

да се положиш пред Бога, пред себе и пред сето друго, и пред научните трудови…

Сепак, како што реков, се покорив на волјата на пријателите.

И тоа послужи како подготовка за идните подвизи

Тоа стана претсобје на многу позначајни таинства.

Така, и во Атина и во Кападокија, пријателите на св. Григориј настојувале тој да ја продолжи кариерата како ретор. И на двете места тој прифатил, но само за кратко. Св. Григориј и во иднина, не еднаш, ќе се жали на притисоци од пријателите; за него било специфично тоа што ќе попушти, а потоа ќе жали за својата слабост. Во карактерот на св. Григориј имало некаква нерешителност, која судбински му се одразила. Тој секогаш се стремел кон осамување, а сепак, прифаќал кога бил повикуван на општествена дејност. Како резултат на тоа, во текот на целиот живот тој бил растргнат меѓу неопходноста да се носи општествената служба, што му била доделена по туѓа волја, и своето стремење кон осамување, кон бавење со научна дејност и кон созерцателен живот.