Некој монах Го молел Бога да му открие како е во пеколот, а како е во рајот.

Најпосле Господ му ја услишал молитвата, па го испратил неговиот ангел чувар за овој одблизу да му покаже како е таму.

Одејќи така, оддалеку сетиле еден многу убав и пријатен мирис од некое вкусно јадење. Кога дошле до местото, монахот здогледал пред себе мноштво слаби, изнемоштени и мрачни луѓе. Не му било сфатливо како можат да бидат толку слаби и изнемоштени кога пред себе имаат толку вкусно јадење.

Тогаш ангелот му рекол:

– Ги гледаш ли овие луѓе? Тие се во пеколот. Пред себе имаат лонец со прекрасно јадење и една лажица која е многу долга што никој сам не може да се нахрани. Затоа е потребно еден со друг да се хранат и да бидат сите среќни и радосни. Но овие луѓе се многу себични и немаат смирение тоа да го направат, па затоа се толку очајни.

Понатаму дошле до едно друго место во кое важеле истите услови, но овие биле нахранети, радосни и весели.

Тогаш ангелот повторно му рекол:

– Ги гледаш ли овие луѓе? Овие се во рајот. Тие си помагаат и се хранат еден со друг и затоа се сите радосни.