Некогаш, многу одамна, во еден град живеел еден прочуен мудрец. Тој бил познат по тоа што наоѓал одговор за секое прашање, не постоело прашање на кое не умеел да одговори. Затоа луѓето многу го почитувале и многу народ одел кај него.
Еднаш, иритиран од славата на својот учител, еден од неговите ученици решил да го засрами својот учител пред сите откако ќе му постави прашање на кое мудрецот нема да може да одговори. Момчето отишло до блиската полјана и ја уловило најубавата пеперутка. Во очаен обид да избега, пеперутката мафтала со крилцата и го скокоткала по дланките. Смеејќи се задоволно, ученикот отишол кај учителот и пред сите го прашал:
– Учителу, вие тврдите дека имате одговор за секое прашање. Јас во рацете држам една пеперутка, штом знаете сè, тогаш кажете ми дали пепеутката е жива или мртва?
Додека го изговарало ова, момчето внимателно ги стискало дланките каде што ја држело пеперутката. Ако мудрецот кажел дека е мртва, тогаш ќе ги отворел дланките и ќе ја пуштел да летне, но ако кажел дека е жива тогаш бил подготвен во секој момент да ја смачка, како доказ за својата вистина.
Во тој момент мудрцот, без да ја подигне главата и без дури да го удостои со поглед, му одговорил:
– Синко, сè е во твоите раце…