Денес се сеќаваме на чудата што ги изврши Господ Исус Христос на патот кон Своите страдања. Господ го воскреснува Лазар, човекот кој бил пријател на Бога, Негов ученик и роден брат на Марта и Марија, кои му служеле на Христа и кои биле едни од Неговите најблиски луѓе.
Лазар се разболел и починал. Бил положен во гробот, во една пештера според тогашните обичаи, која потоа била затворена со камен. Поминало доста време и неговото тело почнало да се распаѓа. Кога Христос дошол да го воскресне, неговата сестра збунето рекла: „замириса веќе“. Во овие зборови, постоеше сомнеж дека такво нешто е возможно. Како е можно да воскресне човек чие тело веќе видливо се распаѓа? Тој не починал неодамна или вчера, последиците од неговата телесна смрт беа веќе очигледни. Но, Господ го воскреснува Лазар, а тој подоцна уште многу години Му служел на името Господово и управувал со Црквата во Кипар, каде што луѓето сè уште го паметат и многу го почитуваат.
Но, тоа истовремено е приказна и за секој од нас. Всушност, сите евангелски настани се овде со нас и за сето време го проникнуваат целиот наш живот. Сите евангелски настани се директно поврзани со нас лично и што е најважно, со спасението на нашите души. Секој човек кој примил Свето крштение, па дури и секој човек кој барем еднаш во животот направил чекор кон познание на вистинскиот Бог, веќе е пријател на Бога, како што бил и Лазар.
Но, нашите гревови и нашиот немарен живот честопати нè водат кон тоа да настапи смрт на сè она што е добро, убаво и божествено во нашата душа. Нашите гревови ги уништуваат и убиваат нашите животи, а ние самите почнуваме да „мирисаме“ дури и без тоа да го забележиме.
Постојат гревови, страсни навики и болести кои навистина предизвикуваат непријатен мирис. Луѓето кои се во близина на таква личност се чувствуваат непријатно. Тоа е очигледна манифестација на последиците од гревот. Во принцип, тешко е да се биде во иста просторија со грешник. Многу луѓе од сопственото искуство знаат дека во таквите случаи се шири некој тежок здив. Истиот тежок здив се чувствува и во близина на покојникот кој се распаѓа. Жива личност не може да го издржи овој здив, бидејќи го труе и затрујува.
Таквите луѓе кои веќе мирисат заради своите гревови, кои веќе скоро пропаднале и умреле, Господ ги воскреснува, ги прочистува, ги приближува до Себе и со нив се соединува во вечното воскресение и во вечниот живот. Приказната на Лазар е приказна за секој од нас.
Овој настан ни зборува и за тоа колку внимателно и со каква љубов треба да се однесуваме кон нашиот ближен кој „замирисал“. Како што сестрите му се молеа на Христа, плачеа и зборуваа за смртта на нивниот брат, така и ние треба да го повикуваме Господа заради смртта и распаѓањето на нашиот ближен, да Му се молиме и безгранично да веруваме дека Он е Синот Божји и дека може да го воскресне грешникот.
Великиот пост си заминува и многумина од нас се ужаснуваат од сознанието дека времето поминало залудно, дека сме останале истите одечки трупови што се распаѓаат заради своите гревови. Но, пред Страсната недела, Господ ни ја дава радоста на Воскресението, нè потсетува на тоа дека ќе нè воскресне и дека има моќ да нè избави од секој грев, пропаст, смрт и гнилежност.
Секој од нас го носи на себе знакот на победата – крстот Христов. И ние, како деца Божји, како сведоци на Воскресението на четиридневниот Лазар, сега кога Господ зачекорува на Своите крсни страдања, го носиме овој крст Христов како „оние што го носат знакот на победа“ и извикуваме: „Осана, благословен е Оној што доаѓа во името Господово!“ Амин.
Јеромонах Игнатиј Шестаков