Покајанието честопати се претвора во рамнодушно и „објективно“ набројување на гревови и престапи, во акт на „признавање на вината“ како при некој правен спор. На исповедта и на разрешувањето се гледа како да се од јуридичка природа, а се превидува нешто суштинско, нешто без кое ниту исповедта ниту разрешувањето ќе имаат значење и сила. Тоа „нешто“ е чувството на отуѓеност од Бога, од радоста на општењето со Него, од вистинскиот живот што е создаден и што ни е подарен од Бога.
Навистина, лесно е да исповедаме дека не сме ги запазувале постите, дека сме ги пропуштале утринските или вечерните молитви, дека сме биле невоздржани во лутината. Но, сосема е поинакво сознанието дека сум ја извалкал и изгубил својата духовна убавина, дека сум далеку од својот вистински „дом“, од својот реален живот, и дека во самата моја животна суштина, нешто драгоцено, нешто што е чисто и прекрасно, е безнадежно скршено. Тоа, и само тоа сознание, е вистинско покајание и длабока желба за враќање назад и за повторно пронаоѓање на загубениот „дом“.
Од Бога сум примил огромно богатство: пред сè живот и можност да му се насладувам, да го исполнам со значење, со љубов и со знаење; а потоа – во крштението – го примивме Новиот Живот, Самиот Христос, дарот на Светиот Дух, мирот и радоста на Царството Небесно. Јас сум примил знаење за Бога и преку Него знаење за сè друго, сум примил сила и можност да станам син Божји. И сето тоа го загубив, и продолжувам да го губам, не само низ гревовите и прегрешенијата, туку во гревот што ги надминува сите гревови – во отстапувањето на мојата љубов од Бога, претпочитајќи ја „туѓата земја“, пред прекрасниот Татков дом.
Но, Црквата ми напомнува за она што сум го напуштил и загубил. И, слушајќи го нејзиниот глас, јас си спомнувам. Во кондакот на тој ден се пее: „Безумно се оддалечив од Твојата Татковска слава, и со грешници го расипав богатството што ми го даде. Но, повикувам кон Тебе со гласот на блудниот син: Згрешив пред Тебе милосрден Оче, но прими ме мене кој се каам, прими ме, како еден од Твоите наемници“.
Протоереј Александар Шмеман