Живата и неживата природа се построени врз принципот на убавина и совршенство. Но, во односите меѓу различните делови на универзумот се открива уште еден фундаментален принцип – принципот на љубовта која се жртвува. Создавањето на светот е штедар, несебичен дар, во извесна смисла дури и жртва од страна на Создателот, бидејќи „Тој не прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Самиот на сè што постои му дава живот и дишење“ (Дела 17, 25).

Поради тоа и самиот универзум врз себе го носи печатот на оваа пожртвуваност. Неорганскиот свет, истоштувајќи се себеси, се чини дека се жртвува за постоењето на растителниот свет. Тој, пак, според својот ред и зададеност, се жртвува за животинскиот, обезбедувајќи и доставувајќи му храна. А сè што постои пожртвувано му служи на човекот како мајка, која го носи во својата утроба и која ги дава сите свои сили за добробит на своето дете.

Најголемата жртва ја принесе самиот Бог на Голгота, за да го спаси човекот за вечен живот.

Зошто и за што постои човекот? Може ли да живее само за себеси, за сопствено задоволство, неконтролирано и предаторски проголтувајќи ги природните ресурси?

„Подајте ги телата ваши како жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба“ (Рим. 12, 1) – одговара на ова прашање Светото Писмо.

Кругот се затвора. На овој начин, целиот свет постои според принципот на служењето и на љубовта која се жртвува. И затоа, сè додека луѓето се стремат да ги исполнуваат заповедите за љубов кон Бога и кон ближниот, ќе биде оправдано нивното постоење и човечкиот живот ќе има своја цел и смисла.

Олег. В. Петренко