­ Можно ли е воопшто со збор да се произнесе величието на човекoт, кој ја „надминува силината на словото”? На Oтецот, кoj со своите учители Кирил и Методиј „без да свијат колено пред никого“, станале „светилници на светот, имајќи го Словото на животот“ (Теофилакт Охридски).

 Почитта кон Словото на животот, апостолски поставено преку Филипјаните (Фил. 2.15-16) како библиска должност за христијаните, со Свети Климент и неговата книжевна школа во Охрид станува Живот на Словото. Слово создадено од рамноапостолните Кирил и Методиј, изнедрено од говорот на македонските Словени, коешто Климент продолжил да го заживува, давајќи смисла на зборот со кој ја вдахнувал христијанската вера на своите сонародници во Кутмичевица, меѓу Охриѓаните, кај Брегалница. Бидејќи Климент најдобро ги знаел потребите на својот народ, самиот потекнувајќи од Македонија, кадешто „уште од рани години“ го придружувал својот учител Методиј во неговата иницијалната мисија како управник на „словенско кнежевство“ во поранешната Склавинија, лоцирана на тогашната граница на Византија, наспроти Бугарската држава.

Климентовиот житиеписец, Теофилакт Охридски, ќе спомене дека Методиј бил духовен отец на бугарскиот кнез Михаил-Борис. Меѓутоа, Методиј тоа не бил, бидејќи како и братот Константин-Кирил, немал никакви релации со бугарскиот владетел, ниту тие некогаш ја посетиле Бугарија. Со житијната наративна стратегија, Теофилакт во суштина настојувал да ја демонстрира Методиевата доминатна позиција во однос на тогашните словенски световни елити, со крајна цел истата да ја пренесе на неговиот ученик – Климент, а преку него и на Охридската архиепископија. Затоа, Теофилакт потенцирал дека Климент го поставил „великиот Методиј како пример за сопствениот живот“, се поистоветувал со делата на својот учител, настојувајќи како опитен уметник „да се наслика себеси според него“.

Теофилакт верно го насликал Климент како следбеник на Методиј и „Христов служител“, а неговото испраќање за учител во Кутмичевица, како „промисла која Бог му ја внел на Михаил-Борис“, за да му се овозможат „сите услови за вршење на Божјото дело“. Оттаму и Климентовата надредена позиција над световните власти, манифестирана и преку „послушноста“ на управникот на областа во која делувал, а кој му служел како помошник „во реализирањето на неговите одлуки“. Неговите ученици не плаќале ништо на кнезот, бидејќи, тие преку Климент „му служеле на Бога и биле поставени Нему да му платат, поточно да му се оддолжат“ на Бога (Теофилакт Охридски).

Световните почести, за Климент немале вредност, туку биле само средство за „иницијација на неговиот подвиг во поучувањето и во проповедничката ревност“. И епископската функција која ја извршувал од 893 година, била за „црквата Божја“. Бидејќи, како што Климент лично му предочил на Симеон, „Бог самиот ми ја довери, служејќи се со твојата власт, како со своја рака“. Оттаму, наспроти противењето на Симеон, остарениот Климент се вратил во својот манастир, избирајќи го Охрид за свое вечно почивалиште, откако „увидел дека Небесниот цар е согласен со неговата намера“.

Теофилакт го насликал портретот на Климент, како охридски светител, кому учителското и епископското делување му било доверено од самиот Бог и тој Нему достојно му служел и му одговарал за своите дела. Тој ја претворил „грижата за народот во своја наслада“ и „станал сѐ за секого“ (Теофилакт Охридски).

Подоцна, охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, во житието за Климент, наведува дека тој го добил епископското достоинство над цел Илирик од самиот Методиј, што му овозможило лично да го „обнови со бањата на крштевањето“ кнезот Борис, а потоа и син му Симеон, „убедувајќи ги да се управуваат според христијанскиот обичај“. Toa несомнено не било случај, но Хоматијан, како и Теофилакт, претендирал преку житието да ја демонстрира независноста и доминацијата на Климент над световните владетели. Затоа, Хоматијан чувствувал за потребно да потенцира дека Климент бил „придружникот на водачите и водач на целиот мизиски народ во побожноста, откако заедно со отците и учителите ги претрпел истите искушенија од тогашните еретици на власт“. Преку Климент, како светител на Охридската архиепископија, Хоматијан ја проектирал идеолошката доминација и престиж на својата Архиепископија, во услови на новонастанатите односи на Балканот во првите децении на 13 век и судирот со српската и бугарската црква.

Климент бил вистинскиот водач, двигател на својот народ и пастир на својата Црква, поради што и бил сметан за светител на Охридската архиепископија. „Тој нѐ направи поблиски од другите и ние секогаш бевме со него“ – ќе истакне Теофилакт – поставувајќи се во улога на Климентов ученик и следбеник на традициите. Тоа го објаснува и проектирањето на востановената терминологија во времето на Теофилакт и Хоматијан, во Климентовата епоха, а кој од термините користел единствено „словенски“ и „наш“.

Климент бил продолжувачот на светото кирило-методиево дело, и како што ќе каже Конески, го развил нивното Слово „во реченица на словенскиот јазик“. Реченица толку потребна за тогашните луѓе во Охрид и во Македонија, за да можат да го чујат, прочитаат и осознаат Словото на Животот, за самите потоа да го пренесуваат испишувајќи ги македонските текстови на Асемановото евангелие, Синајскиот псалтир и евхолохиј …

Климент самиот станал извор на Словото за илјадниците ученици во неговата Охридска книжевна школа и за верниците во својата епископија, поставувајќи ги со тоа темелите на генерацискиот произнес на себе[1]спознанието. Традиции, кои се вградиле во основите на Самуиловата црква – Охридската архиепископија, која го одржала споменот за својот светител и за неговите учители низ вековните премрежија, во времиња кога од другите бил подложен на заборавот.

И денес, моќно одекнуваат зборовите на Хоматијан за охридскиот светец, како со небесна светлина ги шири зраците на учењето, оставајќи го неговиот „свет гроб како непроценливо богатство на своето паство и како имот вреден колку сиот свет“. Климент „ни ги остави спомениците и светите книги во Охрид – сопствени дела на неговата возвишена мисла и рака – кои се почитувани и уважувани од целиот народ како плочите на Мојсеј напишани од Бога.“

Затоа и архиепископот Доситеј, возобновителот на древната Охридска архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, го вброил охридскиот светител Климент, меѓу „големите Божји угодници, учители и просветители на својот македонски народ“, кој вечно блеска над македонското небо меѓу „јарките ѕвезди на нашиот духовно-национален небосклон“.

Од аспект на нашата сегашност, секој треба да се запраша дали вистински го осознава и почитува непроценливото богатство кое Климент му го оставил во наследство на своето паство и дали прави доволно за да се оддолжи на учителот и водачoт на народот. Ако досега не проникнал во сознанието, нега го слушне громкиот восклик на Хоматијан: „О водачу на слепите, без оглед какво слепило и лидерство некој би можел да има предвид! О, ти кој му подготви на Господа избран народ, ревносен во добрите дела кои ги виде во тебе!“.

Да! Климент е неповторлива личност за словенскиот свет и затоа многумина сакале и сакаат да биде нивен, иако со време го заборавиле, без да го одржат споменот за него. Затоа, пак, Климент живеел и живее во градот Охрид – кој е неговото презиме – нераздвојната идентитетска врска и трајно сведоштво за традициите и наследството за секое генерациско современие.

Бидејќи Климент е Охридската школа.

Климент е манастирот и црквата во Охрид.

Климент е Охридската архиепископија.

Климент е заштитникот на Охрид.

Климент е световниот и духовен водач на својот народ и црква.

Климент е нашето спознание, Тој сме ние.

Климент бил, е, и во иднина ќе биде Охридски, наш, македонски и сесловенски. Бидејќи тој со смртта „го поставил крајот кој одговарал на почетокот и кровот кој во целост одговарал на темелот“ (Теофилакт Охридски).

Затоа и вечно ќе го почитуваме, бидејќи тој е создателот на неговиот и нашиот дом, вечниот светилник на нашата црква и на нашиот свет.

Затоа, ти должиме вечна благодарност, наш Клименте, која денес и со векови ти ја оддаваме!

проф. д-р Митко Б. Панов