За време на Марко Аврелиј (161-180), наследник на Антониј Пиј, положбата на христијаните станала особено тешка. Иако тој не издал посебен закон во врска со христијаните, сепак неговото име се поврзува со најбруталниот прогон врз нив. Според многу свои квалитети Марко Аврелиј важел за еден од најдобрите императори на Римската империја. Тој се одликувал со великодушност, справедливост, интелигенција и философско образование, но за жал кон христијаните покажувал непријателски чувства. Таквите чувства произлегувале од неговите религиозни и философски убедувања. И покрај неговото философско образование, Марко Аврелиј бил многу суеверен. Тој искрено верувал во постоењето на многу богови и принесувал толку многу изобилни жртви што дури и паганите саркастично се потсмевале на таквата религиозност на императорот. Марко Аврелиј не бил целосно запознат со христијанството. Припаѓајќи по своите философски убедувања во школата на стоиците, тој од висината на својата философска ароганција, се однесувал со презир кон христијаните. Во своето дело „Размислувања – на самиот себе“, тој не споменува ниту еден збор за христијанството и само попатно дава коментар за христијанското мачеништво: на него тој гледал како на неискрена показност и театарски патос.

При такво расположение на императорот против христијаните, прогонството можело да започне во секој момент без никакви декрети и укази. Почвата за негов почеток била однапред подготвена особено во оние општествени несреќи со кои богато било исполнето владеењето на Марко Аврелиј. Страшни неволји ја пустошеле империјата од Етиопија до Галија. Поплавата на Тибар ги уништила државните амбари и предизвикала глад во главниот град. Империјата била исцрпена од долгите војни на нејзините западни и источни граници. Народните маси сите овие несреќи ги припишувале на гневот на боговите, кои биле иритирани од христијаните. Старите приказни за безбожноста и за гнасните обичаи на христијаните продолжиле да се шират меѓу незнабошците. Еден безначаен повод од страна на Марко Аврелиј бил доволен за избивање на општо незадоволство против христијаните. Неговиот указ „Против суеверијата“, кој не се однесувал директно на христијаните, послужил за таквиот повод. Мотивот за објавување на овој указ бил во врска со појавата на сите видови скитници, волшебници и маѓосници, кои користејќи ги социјалните катастрофи ги мамеле луѓето и ги возбудувале и плашеле со своите предвидувања. Но, локалните управители го искористиле овој указ и без многу размислување го примениле врз христијаните.

Прогонот започнал. Во некои делови на империјата – во Мала Азија и во галските градови, прогонството било извршувано со дотогаш невидена суровост. Во галските градови, христијаните биле лишени од сите граѓански права: за нив комплетно биле затворени општествените домови, бањите и пазарите; христијаните се плашеле да се појават на улиците: врз нив биле фрлани камења, биле тепани, ограбувани и на разни начини измачувани. Указот на Трајан, кој забранувал стриктна потрага по христијаните, ја изгубил својата сила. Апсењата и претресите на христијаните биле извршувани во најшироки размери. Сите биле прогонувани: и слободните и робовите, и благородниците и сиромашните. Христијаните биле подложени на ужасни мачења, биле затворани во загушливи зандани и биле фрлани како храна на ѕеверовите. Злобата на паганите против христијаните не била ограничена само кон живите, не биле оставени на починка и самите убиени христијани. Биле прикажувани глави без тела, јагленосани делови од раце и нозе, а самите тела биле фрлани на кучињата. Христијаните на никој начин не можеле да ги соберат телата на мачениците за погребение. Нивните остатоци биле горени и спалувани, а пепелта била фрлана во реката Рона.

Исто така и прогонството на христијаните во Мала Азија било сурово. Тука, според зборовите на апологетот Мелитон Сардски: „бесрамните доушници и разбојници врз туѓото добро, ги ограбуваа невините жители дење и ноќе“.

Марко Аврелиј не само што не ја запрел оваа бесна фанатичност на незнабошците, туку им изрекол и своја санкција. На прашањето на Лионскиот проконзул, што да прави со уапсените христијани, од кои многумина биле римски граѓани, императорот, во духот на законот на Трајан одговорил со следниов указ: „Упорните христијани да се убијат: римските граѓани со меч, а останатите да се фрлат на ѕверовите“. Тешко е да се каже кој дел од империјата го опфатил прогонот на Марко Аврелиј. Според сведоштвото на Целс, христијаните биле прогонувани насекаде. И неспорно е дека нивната ситуација насекаде била тешка, но особено неподнослива била во Галија и Мала Азија, како резултат на што особено тоа и било забележано во христијанските споменици од тоа време.

Постои добро зачувана приказна дека во втората половина на неговото владеење Марко Аврелиј го сменил ставот кон христијаните и од прогонител станал нивни покровител. Како причина за таквата промена се наведува следнава околност. За време на неговиот поход против Квадите (174 г.), на целата римска војска ѝ се заканувала смрт од жед. Но, по молитвите на христијанските војници паднал силен дожд и опасноста поминала. Како благодарност, Марко Аврелиј, наводно издал декрет со кој се забранува прогонот на христијаните и се наредува спалување на оние кои ги обвинуваат христијаните само затоа што се христијани. Во знак на сеќавање на овој настан, една од римските легии била наречена „молскавична“ (фулминатрикс). За жал, оваа приказна не може да се смета за историски веродостојна. Марко Аврелиј не им го припишувал спасението на својата војска на христијаните. Според паганската легенда, дождот започнал да паѓа како резултат на магиите и молитвите на египетскиот волшебник Арнифус или пак заради молитвата на самиот Марко Аврелиј. Исто така, легијата наречена „молскавична“ постоела многу порано, уште за време на императорот Август. Конечно бруталниот прогон на христијаните, особено во галските градови, кој започнал во втората половина на неговото владеење, ќе беше невозможен доколку Марко Аврелиј го беше издал указот што му се припишува.

За време на владеењето на Марко Аврелиј, Црквата била украсена со подвизите на многу маченици. Тие биле толку многу, што телата на христијанските маченици понекогаш лежеле собрани на куп по главните улици во градовите. За време на ова прогонство, со маченичка смрт во Рим загинал Јустин Филозоф (165 г.). Починал заедно со своите ученици, а во Лион – 90-годишниот Лионски епископ Потин и многу други.

Со својата трпеливост и храброст, христијанските маченици јасно им покажале на незнабошците дека својата сила ја црпат од повисоки извори. Така, остарениот епископ Потин, предаден на толпата за подбив и исмевање, храбро ги издржал разните измачувања и набргу потоа починал во темна и загушлива зандана. Маченикот Сакт бил толку измачуван и обезличен што не наликувал на човек, но во текот на целата тортура постојано ги повторувал трите зборови: „Јас сум христијанин“.

Особено впечатлива била цврстината на малолетните маченици за христијанската вера. Во Лион, биле подложени на мачење девојката Бландина и нејзиниот 15-годишен брат Понтик. Христијаните стравувале дека младата Бландина нема да ја издржи суровата тортура. Но, таа храбро ги издржала безбројните мачења во текот на целиот ден. Џелатите се измориле од измачувањето и конечно потврдиле дека таа на крајот ги победила. За време на бруталното измачување, таа само едно повторувала: „Јас сум христијанка и ние не правиме ништо лошо“. Во исто време дури имала сила и да го охрабри духот на својот помлад брат.

Павел И. Малицки (Извадок од книгата „Историја на Христијанската црква“, том I