Синоќа, се одржа премиерното претставување на документарниот филм „Сама- осудена или заштитена“ на авторот Стојне Митева, кој зборува за проблемот со семејното насилство и предизвиците со кои се соочуваат жените жртви на семејно насилсво, во, но и вон насилната средина.

На промоцијата присуствуваше и Неговото преосвештенство, викарниот епископ Стобиски г. Јаков, кој истакна дека струмичката епархија и понатаму ќе продолжи со поддршка за Шелтер центарот за заштита на жени жртви на семејно насилство.

– Црквата нема да биде тоа што треба да биде во овој свет ако нема чувство за луѓето кои страдаат во овој свет. Исклучително е тажно да зборуваме за било каков вид страдање во семејството, во светата тајна брак, зошто Бог  осмислил нашето спасение да се одвива во заедницата, рече меѓу другото викарниот епископ Стобиски г. Јаков.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, посочи дека како локална власт и во иднина ќе го насочат своето делување кон заштита на жртвите на семејно насилство.

Авторката на филмот, новинар и гешталт терапевт истакна дека филмот има за цел да покаже, алармира и активира на поголема свесност, акција и застапување на правата и интересите на жените жртви на семејно насилство.

Снимањето и монтажата на филмот е на Кире Пиличев, а продукција на ТВ Канал ВИС.

Промоцијата на филмот е дел од програмата „16 дена активизам против родово базирано и семејно несилство“ што го органзира Општина Струмица во соработка со граѓанскиот сектор.