Постои една приказна за некој млад човек од повисоките класови во гимназијата, чиј татко го однел во автосалон за да избере подарок за својата матура. Го избрале саканиот автомобил, а таткото рекол дека тој ќе се погрижи за останатото. На денот на дипломирањето, таткото на младиот човек му рекол: „Честитки за успешното дипломирање, сакам да ти го подарам ова“. И тој му ја подал Библијата. Синот во истиот миг станал бесен. „Како се осмелуваш да не го исполниш ветувањето и да не ми го подариш автомобилот!“ – рекол младичот додека заминувал и ја фрлал Библијата. Подоцна отишол на факултет и до крајот на животот немал никаков контакт со својот татко.

Многу години подоцна ја добил веста дека татко му починал. Младиот човек се вратил во куќата на својот родител за да се погрижи за имотот и за наследството. Во библиотеката случајно наишол на Библијата што му ја подарил татко му. Ја приближил, ја грабнал и ја отворил. На негово големо изненадување, внатре пронашол чек со точната сума за ветениот автомобил, заедно со една белешка. На неа пишувало: „Драг сине, колку и да ти е важен автомобилот, не сакав да ја заборавиш најважната работа во животот. Ќе дознаеш која е таа на денот, кога ќе покажеш доволно грижа за да ја отвориш оваа Библија“.

Бог го прави истото и со нас. Секој пат кога мислиме дека знаеме кое е најважното нешто, Тој ни го одзема истото и нè потсетува на повисоките вредности. На 1 септември го означуваме почетокот на новата црковна година во Православната црква. Посланието е јасно и силно за она што е најважно, бидејќи Црквата не подготвува за Крстовден на 14 септември. Крстот, нам христијаните, ни е нашиот сопатник и нашата основа. Тој ни посочува дека ако сакаме да бидеме следбеници Христови, ќе мора да се одречеме од себе, па да го земеме нашиот крст и Него да Го следиме. Да го земеме нашиот крст значи, дека по наша слободна волја живееме живот кој го одрекува овој свет како цел самата по себе – ние живееме за Царството Божјо!

Можеби треба да размислиме што е најважно во сабота навечер. Наместо вечера во ресторан и гледање на филм, зошто да не ја посетиме вечерната богослужба во 17 часот? Можеби ќе откриеме дека четириесет и петте минути поминати во црквата се многу пополезни од трошењето на огромни суми пари за гледање на филм што наскоро ќе го заборавиме. Патем, се прашувам, што значи да се потрошат седум долари за гледање на филм, со слаб квалитет, и само еден долар за сандачето со даренија во црквата?

Можеби треба да го преиспитаме начинот на кој ги поминуваме неделите. Можеби ќе откриеме дека еден час поминат во неделното училиште е многу позадоволувачко, отколку еден час гледање телевизија навечер. Комуникацијата со браќата христијани, поставувањето на долгопритаените прашања и споделувањето на нашите искуства, се нешта што денес се навистина потребни.

Можеби треба да го преиспитаме начинот на кој ги поминуваме нашите утра. Можеби ќе откриеме дека половина час молитва и читање на Библијата, е многу позадоволувачко од прошетка во центарот на градот или во трговскиот центар. При општењето со Бога преку молитва и со читање на светите списи, ја откриваме нашата вистинска природа како духовни суштества, која ќе овене и ќе исчезне ако не ја полеваме.

Што и да мислиме дека Бог ни одзел, можеме да го искористиме како можност за пронаоѓање на скриено богатство. Бог знае што навистина ни треба и тоа ни го дава, само ако сме способни да ги преумиме некои нешта во нашите животи.

Отец Ендрју Џ. Баракос

Извор: http://www.orthodoxytoday.org