Не мисли дека од твојот брат претрпуваш штета во било што. Во нас самите, и без неговите постапки, постои злото. Дури и ако претрпиш некаква неправда, тогаш поради идната награда, во сѐ укорувај се самиот себе, а не својот ближен. Во секоја работа потруди се самиот себе да се осудиш, сметајќи се за обична земја, зашто сепак во земјата повторно ќе отидеш. Секогаш говори ги овие три зборови: „Прости, благослови и помоли се за мене грешниот“.
Никогаш не прашувај за нешто што не ти е потребно. Навикни се за секој човек да зборуваш само добро, а себе понижувај се. Во тоа се состои големото смирение, извлекувањето на душата од адот, отсекувањето на страстите, големата победа, и силното оружје против ѓаволот. Господ Бог нека нѐ крепи, за да ги истрпиме сите навреди.
Оној што сака да се спаси, не треба да се плаши од лутите жалости што доаѓаат од демоните или од луѓето, бидејќи во човечкиот живот се случуваат многу промени: луѓето се менуваат од зло кон добро, од тага кон љубов. Оној што ќе се уплаши, обично паѓа во слабост и малодушност.
Ако некој се навикне да бега од жалостите, или да преминува од место во место, или пак да го бира времето, тој, кога ќе почне да се подвизува, во сите денови од својот живот нема да најде ниту време, ниту место, каде ќе има некаква полза.
Треба да ја гледаме милоста Божја, и да се надеваме на неа, и да си спомнуваме за Неговите преславни чуда, и да бараме помош од Него и од Неговите угодници, зашто во секоја нужда или жалост, Бог не нѐ остава. Он никогаш не допушта искушение кое е поголемо од нашите сили, и затоа секогаш треба со благодарност кон Него, и заради идните вечни блага, храбро да го носиме својот крст и да ги трпиме сите потешкотии кои ни се дадени во определеното место и време. Според зборовите на апостолот: „Во Царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14, 22). Преку тој тесен и тежок пат ќе постигнеме поголемо и посовршено трпение, и не само што нема да се лишиме од полезното, туку ќе ја придобиеме и милоста Божја, и нема напразно да го потрошиме времето на нашиот живот.
На подвижникот му доликува да биде силен при секоја тага, и да го устрои своето срце како тврдина, а не да биде слаб како водата. Овој живот се врти како тркалото, тој никогаш не е постојан и во ништо не е складен. Понекогаш за човекот настапува благосостојба и тој е почитуван од сите, а понекогаш се случува да биде прогонет од луѓето. Тогаш не треба да се биде тажен. Понекогаш тагите, нападите и страстите доаѓаат од демоните, и заради тоа не треба да се жалиме. Сето тоа ни доаѓа по допуштение Божјо и заради нашето спасение. Сето тоа потоа поминува, како што е устроено од Неговата благодат, која и нѐ казнува, но и нѐ помилува.
Преподобен Паисиј Величковски