Ако немаме духовни добродетели, тогаш ќе немаме никаква полза ниту од веригите, ниту од скромната облека, ниту од постот, ниту од јадењето само еднаш во неделата, ниту од долгото стоење и бдение, ниту од многуте метании, ниту од бројните телесни измачувања, зашто „телесната обука“, според зборовите на апостолот, „е малку корисна“ (1 Тим. 4, 8).

Потребно е да имаме помеѓу себе нелицемерна љубов, да бидеме во послушание, во трпение и смирение. Металот од веригите, гладот, и метаниите нема да нѐ спасат.

Бог бара мир и чиста љубов, зашто „плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кроткоста, воздржливоста. Против такви нема закон“ (Гал. 5, 22).

Верата, надежта и љубовта – трите евангелски добродетели: со вера додека живееме, веруваме, но не гледаме, а кога ќе видиме, тогаш ќе се премине заедно со надежта, која во нашиот живот постојано нѐ крепеше, во љубовта, која ќе се умножува во вековите. Кога ќе го видиме Бога, каков што Е, тогаш нашата љубов ќе биде совршена! Затоа, потребно е да се подготвиме во сегашниот живот, и да ја очистиме душата од сите приземни мисли и чувства, кои ѝ попречуваат на Божествената љубов да расте во нас.

Удостој ме Господи да Те љубам со сета моја душа и со сите помисли, и во сѐ да ја творам волјата Твоја!

Старец Теофан Новоезерски