Смислата на човечкиот живот и неговата вредност се одредуваат од целта што човекот си ја поставува. Ако земјата ќе изгори и сè на неа е минливо, човечкиот живот се обезвреднува, станува суета, „мачење на духот“. Треба да се одвоиме од земјата, да го видиме Небото и да ги насочиме нашите земни патишта кон Храмот, каде што нема ниту денес, ниту утре, ниту вчера, туку постои Вечниот Бог, Кој љуби.

Допирот на Бога се моментите кои на човекот му ја откриваат вистинската смисла на неговиот живот. Се раѓаме и умираме во болка, страдаме и губиме цел живот. Земјата не привлекува и без Божја помош не е можно да се одвоиме од неа. Силата на земјината гравитација може да се надмине само преку крстот: Господ се искачува над земјата преку Крстот.

Вечниот живот не е некое талкање по галаксиите, туку она малку по кое живееме. Ако зборуваме за Вечноста, тоа значи дека треба да зборуваме за секој ден, час и момент од нашиот живот. Минутите се претвораат во години, годините во живот, а животот во Вечност. Ако овој мал дел од Вечноста го насочиме кон Бога и ако го цениме секој момент од нашиот живот, ако Го бараме Бога, не затворајќи ја душата пред проблемите и страдањата и не сожалувајќи се себеси, туку ако се обиди ме да ја видиме, разбереме, слушаме и да ја поддржуваме личноста која е до нас, ако почнеме да се бориме против мрзеливоста и очајот кои раѓаат незадоволство и немир, ако Му благодариме на Бога за денот што го живееме, ќе влеземе во Вечноста. Овој пат не е празнична прошетка, туку постојано принудување на себеси да РАБОТИ заради Љубовта.

Треба да се живее така што секоја мисла, секое движење е отворено за Бога. Животот пред Бога е вечен живот.

А смртта е неверување во бесмртноста, во победата на Љубовта. Во нас има многу грев и смрт, но во нас живее и Христовата Љубов. Покајте се, Царството Небесно е близу. А Царството Небесно е Царство на вечната љубов. И единствениот влез во него е свесноста за својата недостојност, но не очајот, туку вербата во фактот дека Љубовта Божја може да ни прости и да не промени, да не направи способни да сакаме. Во вечноста ќе има само храбри души кои верувале во својата бесмртност, во можноста да бидат како Бог. На светата Литургија, кога човекот се соединува со Бога, вечната љубов, вечниот мир ги победуваат минливите гревови кои се раствораат во Чашата и согоруваат.

Кога сме со Христа, не можеме да не сакаме, зашто Бог е Љубовта која ја победува смртта и поделбата, која од Крстот ги собира луѓето кои не се врзани за минливото, кои бараат Убавина во овој свет. Светот е корумпиран од оние кои се обидуваат да живеат без Бог.

Црквата е Тело Божјо, Бог кој се соединува со човекот. Од Љубовта Божја се раѓа љубовта кон ближниот. Сè додека оваа љубов постои во светот, светот ќе биде жив, кога љубовта ќе згасне во човечките срца – светот ќе пропадне.

Кога човекот е допрен од Божјата благодат, тој станува едно со Бога и не гледа ништо освен Бога. Тој веќе изгледа поинаку – во Бога. Неговото гледиште не е став на личност осудена на смрт, туку е став на човек кој го нашол вечниот живот, смислата на животот. Страдањето е неизбежно во овој свет. Вистинската радост може да постои само поради вечниот живот, поради Бога. За време на средбата со Бога, човекот ја надминува ограниченоста и неслободата, која ја раѓаат физичките закони на Земјата. Човекот тогаш се радува и ништо земно не може да ја попречи оваа радост, бидејќи нејзиниот извор е Бог. Срцето е исполнето со благодарност, животот станува дар со непроценлива вредност и добива смисла. Човекот повеќе не сака ништо, има сѐ. По средбата со Бога, душата повеќе не може да посака ништо поголемо.