Сетило
Мирисот и чекорот на мојот пријател го чувствувам низ бодликавата жица, а природата ми нуди вкус на млеко од доилка. Пробувам да ја поминам патеката на мојата река по којашто пловам и во денот и во ноќта. Веќе не можам, сè повеќе ме гали звукот на кандилото. Си велам, ќе го прочисти немирниот воздух.
Кога ќе се изненадиш
Звукот на пораката од телефонот станува погласен од ехото што се создава меѓу Стариот и Новиот завет. Во таков миг размислувам и за новороденче и за монасите од Света Гора. Не можам да направам проценка колку години треба да трае еден живот. Убаво е кога сепак имаме опција за звук, вибрација и нечујно.
Карминот на животот
Многу денови поминати во мисли кружат во тајните одаи на мојот отец. Му раскажувам по една приказна која ја сонувам со отворени очи секој ден. Се вика „Карминот на животот“. Тој пак ги отвора сите сетила на мирис и вкус. Поцрвен и од виното и од ѓезвето кога ќе прелие на шпоретот, а не сум во состојба да го тргнам од ринглата. Нека тече, го оставам зaшто во тој момент кога прелива, ја остава трагата насекаде.