Да ја крунисаме со цвеќе пофалбата за Стефан и да го посипаме со рози и пофални песни. Самиот тој веќе се овенча со победничките награди на верата. Иако е напишано: И не плашете се од оние што убиваат… (Матеј 10, 28), приврзаноста кон телото е тешко да се надмине. Но, кога овој млад човек решил да го прифати венецот на мачеништвото, сите тешкотии исчезнале; тој целосно го победил стравот. Не се плашел од гневот на првосвештениците, не се уплашил од дрскоста на свештениците, не се ужаснал од словата на старешините и не се збунил од заканите на книжниците, ниту од говорите на лажните сведоци, а со некаква благородна решителност побрзал на мегданот во борбата за Христа. Кој од смртниците ќе му даде достојна пофалба на подвижникот? Кој од луѓето ќе исплете соодветен венец за неговиот подвиг? Кој јазик може да ја објасни славата на победникот? Која уста може да го пофали подвигот на Стефан? Тој се подвизувал на земјата, а погледот му бил кон небесата, разговарал со смртните, а се вброил во бесмртните, се борел со луѓето, а ликувал со ангелите…

Сега, откако Стефан ги отвори вратите на мачеништвото, секој род нека побрза кон маченичкиот подвиг. Стефан беше првиот што му се спротивстави на тиранинот, прв извојува победа над него, прв ги постави основите на овој благороден подвиг, тој беше првиот што за Христа ги претрпе Христовите страдања, тој им покажа на смртните како се победува смртта…

А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чуда и убавини меѓу народот. Благодатта на Духот го вовлекуваше Стефан кон сè поголемо напредување во добродетелта, зашто бесконечноста на неговата вера ја предизвикуваше во него ревноста. Откако беше поставен за ѓакон, тој се јави како маченик, откако беше назначен да се грижи за вдовиците, тој ја употребил благодатта за правење чудеса; тој бил поставен за слуга на трпезите, а сепак станал чудотворец. „А Стефан, исполнет со вера и сила“. Тој за демоните подготвил солзи, а за луѓето радост, станувајќи водач на оние што се судруваат во борбата за Христа. Оној што сега се бори за Христа, го има Стефан за свој учител, оној кој тргнува во подвигот на мачеништвото, тој ќе постапува како Стефан.

Стефан – началник на оние што се подвизуваат кон Христа, Стефан – темел на оние што умираат за Него…

Св. Јован Златоуст