Модерните универзални христологии, како и разбирањето на Црквата што врз нив се заснова, ги игнорираат одлучните аспекти, кои се исто толку фундаментални колку и универзализмот на реалноста на слободата и реалноста на злото.
Зависноста од „стихиите на светот“ е судбина на човекот, освен ако тој не избере да си го врати достоинството што Бог сака да го поседува. Всушност, ова е пораката на свети Апостол Павле во Посланието до Галатјаните: „Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте им служевте на богови, кои по својата природа не се богови; а сега, откако Го познавте Бога, или подобро, откако Бог ве позна, како тоа повторно да се враќате кон слабите и лоши стихии, на кои сакате одново да им служите? Гледате на деновите, месеците, времињата и годините. Се плашам за вас, да не би случајно залудно да сум се трудел меѓу вас“ (Гал. 4, 8-11).
Не мислам дека некој би се сомневал дека концептот на „светот“, а следствено за нас и концептот на „секуларното човештво“, е поврзан во Новиот Завет со ропството и зависноста. Затоа, ако Црквата треба да му „служи“ на светот и да го „обединува“ човештвото, а таа со сигурност постои токму за оваа цел, таа може да го направи ова само ако биде ослободена од нив, односно ако е целосно независна од нивните категории и закони, без разлика на нивната делумна или привремена вредност. Заповедта „да го напуштиме светот“, како што е изразена во Новиот Завет, главно означува да се откажеме од „похотта“, од нашата зависност од созданието; тоа не е осуда на светот како некакво зло или пак бегство од реалноста. Ниту едно влијание врз светот и во светот, сепак не е возможно без претходно ослободување од него.
Меѓутоа, христијанската слобода не е само некаква проста „слобода од светот“ – таа е исто така едно позитивно искуство и позитивно достоинство. Таа не е само моќта да се избере, туку е самото Божјо подобие во човекот, кое не може да се постигне поинаку, освен преку општење со Бога. Веднаш, штом оваа заедница ќе биде востановена, светот повеќе нема да може да ја наруши. Во оваа смисла, христијанската слобода е радост и достоинство на робовите, на прогонетите, на лишените и на понижените: со други зборови, на сите оние што се жртви на овој свет, на неговата моќ и на детерминизмот, кој тој сака да го има над човечкото достоинство. Еве, ова е слободата што Христос му ја врати на човекот кога умре на крстот, а нејзиното значење најдобро го разбираат оние, кои и самите страдаат од силните на овој свет.
Христијаните сепак треба да ја признаат и слободата на „секуларниот“ човек. Зашто, дури и ако „секуларниот“ човек, според Посланието до Галатјаните, е поробен од стихиите на овој свет, тој сѐ уште има слобода да го отфрли Христа и Неговото Евангелие. Космичките христологии и секуларните еклисиологии на нашето време, сите до една ризикуваат да го иритираат и раздразнат секуларниот човек со нивниот триумфализам – триумфализам што им додава христијанска содржина на зборовите и постапките на оние кои не сакаат да имаат никаква врска со христијанството. Токму од почит кон секуларниот човек, христијанинот не треба да му го наметнува сопственото разбирање за човечкото достоинство.
Протоереј Јован Мајендорф