„Ликувај од радост, ќерко Сионска, извикувај, ќерко Ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток и седнат на осле“ (Захариј 9, 9).

Пред повеќе од четиристотини години, пророкот Божји изговорил пророштво за еден настан на кој денес се потсетуваме и го славиме. Нашиот Господ Исус Христос, откако ја заврши Својата проповед на земјата, торжествено влезе во царскиот град Ерусалим, во градот за поклонение на вистинскиот Бог, во градот кој по чест и превласт е градот Божји. Господ влезе како Цар и победник за да ја круниса Својата служба со одлучувачки подвиг: со победување на смртта со смрт, со отстранување на проклетството од човечкиот род и со прифаќање на таа клетва врз Себе. Тој влегол во царскиот град седејќи на осле (Јован 12, 16), кое ниеден човек не го јавал (Лука 19, 30) за да му го врати на човештвото царското достоинство што го изгубил нашиот праотец и преку искачување на крстот да го врати неговото величие. Нескротеното осле станало кротко под чудесниот Јавач. На ослето Апостолите ја положиле својата облека, а многубројниот народ што отишол да Го пречека и да Го следи Господа, возбудено повикувал: Осана на синот Давидов! Блажен е Оној што доаѓа во името Господово (Мт. 21, 9; Лк. 19, 38). По наредба на Господа, бил прогласен за Цар во името на Господ – но, не случајно и не заради совеста и волјата човечка. По четири дена, истиот народ за истиот Оној што денес го прогласува за Цар, ќе извика: Распни го, распни го, ние немаме друг цар освен Кесарот (Лука 23, 21; Јован 19, 15).

Која е смислата на Господовото влегување во Ерусалим на нескротено осле? Ова, според толкувањето на светите отци, има длабоко пророчко значење. Господ, Кој гледа сѐ, веќе го согледал идното конечно отпадништво на Евреите. Тој го прорекол ова отпадништво уште во она време кога законот на Израилците им бил предаден на Синај, го прорекол преку устата на нивниот вдахновен Законодавец. Згрешија пред Него, вели Мојсеј за идниот грев на Евреите против Богочовекот како да е веќе извршен, тие станаа и згрешија пред Него, тоа не се Негови деца поради пороците свои; род дрзок и развратен. Тоа ли Му го воздавате на Господа, народе луд и безумен? Зашто лозјето им е од содомска лоза, а прачките од полето Гоморско; (5. Мојс. 32, 5-6; 32, 32). А спротивно на тоа се вели: Веселете се небеса заедно со Него – со Синот Божји – и нека Му се поклонат сите ангели Божји (Евр. 1, 6); веселете се народи со Неговиот народ (5. Мојс. 43). Влегувањето во Ерусалим на осле, кое никој претходно не го јавал, е повторување на Мојсеевото пророштво, но не со збор туку преку символ. Мојсеј прорекол дека незнабошците ќе се радуваат во Господа и дека Евреите ќе бидат отфрлени; овде нескротливиот ждребец, кој никој од луѓето никогаш не го оседлал, ги изобразува незнабожците. Облеките на апостолите е Христово учење кое тие им го предадоа на паганите, а Господ е духовно заседнат врз незнабожците, станувајќи со тоа нивниот Бог. Тој ги воведе во Ерусалим, во пазувите на Својата Црква, во вечниот неракотворен град Божји, во градот на спасението и блаженството. Отфрлените Евреи биле присутни. Тие со своите усти изговарале: Царот Израилев, а во својата душа, во нивниот Синедрион, тие веќе одлучиле да го убијат Спасителот. Ослето има уште едно значење. Тоа го изобразува секој човек, кој е воден од бесловесни желби, кој се лишува од својата духовна слобода, кој преку страстите и навиките е поврзан со телесниот живот. Христовото учење го ослободува ослето од уларот и огламникот, т.е. од исполнувањето на грешната и телесна волја. Затоа апостолите му го приведуваат ослето на Христа, ставајќи ја врз него својата облека: врз него јавнува Господ и на него влегува во Ерусалим. Ова значи дека по напуштањето на грешниот живот, човекот се приведува во Евангелието и се облекува како во апостолска облека, во најисцрпното и најсуптилното познание на Христос и Неговите заповеди. Тогаш Господ заседнува на него, јавувајќи му се и духовно престојувајќи во него, како што Самиот благоволи да вети: Кој ги има Моите заповеди и ги исполнува, тој е оној што Ме љуби; и оној што Мене Ме љуби ќе биде возљубен од Мојот Отец; и Јас ќе го љубам и Самиот ќе му се јавам; кај него ќе дојдеме и во него живеалиште ќе направиме (Јован 14, 21-23). Доаѓањето на Господа мора да биде придружено со мир кој ги надминува зборовите и разбирањето, со благодатен мир, достоен за Господа, неговиот дарител. Овој мир не може да се спореди со природното спокојство на паднатиот човек кој може да почувствува спокој и задоволство од телесното насладување, кој може за спокојство да ја смета и сопствената бесчувствителност и самата своја вечна смрт. Заседнува Господ врз природните особини на човекот кој Му се покорил, кој го присвоил Неговото свето учење, и потоа го воведува, седејќи на него, во духовниот град Божји, во градот на мирот, во Ерусалим, кој е создаден од Бог, а не од човекот.

Светиот Дух ја поздравува душата која го прифатила Господа и ѝ ја дава вечната духовна и нераспадлива радост. Радувај се, радувај се многу, ќерко Сионска, ќерко на Светата Црква, зашто ти не припаѓаш на никој друг, освен на Бога. Повикај, ќерко Ерусалимска, ете Царот твој доаѓа кај тебе: Тој е праведен и спасува; Тој е кроток и јава на осле. Ти, откако го почувствува во себе благодатниот мир Христов и стана ќерка на истиот тој мир, се обнови во себе со духовна младост и опитно го позна Царството Христово. Благодатната сила на Јавачот кој со тебе управува веќе ги скроти твоите страсти: твоите природни особини не можат да ги нарушат своите природни закони, тие не можат да се претворат и да се преобразат во нескротливи страсти! Преземи ги од Господа сите мисли, сите чувства, секое свое дејствување, ти можеш и обврзана си да им го зборуваш името Господово на браќата свои, и насред Црква да го фалиш Господа (Пс. 22, 22). Ти си сродена со Духот Свети, ти си ќерка Негова, способна да го созерцуваш духовното влегување на твојот Цар, да ја набљудуваш праведноста на Царот твој. Тој е кроток и смирен по срце (Мт. 11, 29) и ги упатува кротките во вистината, ги учи кротките да чекорат по Неговиот пат (Пс. 25, 9). Нашиот Бог е Дух, неспоредлив со кој било создаден дух, исто како што во секој поглед е бескрајно различен од сите созданија: сите создадени духови се Негови престоли и кочии. Тој заседнува и влегува во херувимите; Тој заседнува и влегува на оние благословени души човечки кои му се покориле и му ги принеле своите природни особини како жртви сепаленици. На таквите души влегува Царот, кој стапнува во светиот град Божји, а Го воведуваат светите души. Осана во височините! Благословен е Оној кој доаѓа, Царот Израилев. Амин!

Свети Игнатиј Брјанчанинов