О, блажени сопрузи, Јоаким и Ана! Навистина вие, според словото Господово и според плодот на вашата утроба, се покажавте непорочни: „по нивните плодови ќе ги познаете“. Имавте живот угоден на Бога и достоен за Родената од вас. Зашто, живеејќи чесно и праведно, од вас произлезе ризницата на девството. Токму за Дева зборувам: пред Рождеството Дева, во Рождеството Дева, по Рождеството повторно Дева, и засекогаш Дева, единствената Приснодева – и со ум, и со душа и со тело.
Соодветно ѝ беше на девственоста, која е родена од целомудрие, да се принесе и понуди за плотта на Самата Единородна Светлина! О, два најчисти словесни гулаби, Јоакиме и Ано! Вие, откако целомудрено го зачувавте законот на природата, божествено се удостоивте за надприродни дарови и на светот му ја родивте Дева – Божјата Мајка!
Вие, откако живеевте побожно и праведно во човечката природа, ја родивте Ќерката почесна од херувимите, која сега владеете над сите ангели. О, прекрасна и преслатка Отроковице! О, убав крину, пораснат меѓу трње од најблагородниот царски корен! Со тебе се збогати царското свештенство!
Богородица му е принесена на Бога, на Царот на сите, облечена во сјајот на добродетелта како во златна облека; украсена е со благодатта на Светиот Дух, и нејзината слава е внатре во неа: зашто, како што славата на секоја жена е нејзиниот маж, така и славата на Богородица е внатре во неа, односно во плодот на нејзината утроба.
О, Дево Богоблагодатна, света Цркво Божја, која духовно ја изгради Создателот, Премудриот Творец на светот, Кој се всели во неа! Не со злато и со бездушни камења е таа украсена, туку наместо од нив, сјае со Светиот Дух, наместо скапоцени камења, го има во себе најскапоцениот бисер – Христос.
Радувај се, непорочна палато на Царот на сите! Радувај се, живеалиште на Божјото Слово, на Кого, заедно со Отецот и Светиот Дух, и на Тебе Ќерката на Отецот, Мајката на Синот, Невестата на Светиот Дух, ние смртните ти вознесуваме слава и чест, сега и засекогаш! Амин!
Свети Јован Дамаскин