По некое време, игуменот Теофан започнал да гради храм посветен на светиот отец. И откако собра сѐ што е потребно за изградбата, тој веќе почна да размислува за конечното завршување на црквата. Му дојде мисла за испосничките трудови и страдања на преподобниот отец и за неговите неоткриени свети мошти. И бидејќи не го знаеше местото каде што лежеше неговото преподобно тело, тој започна да се моли со скрушено срце:
– Угодниче Божји! Јас, твојот грешен слуга, не сум достоен ни да помислам такво нешто, а камо ли да го искажам на твоето Преподобие, но заради твоите свети и чесни молитви не презирај ги молитвите на нас, грешните! Покажи ни ја твојата добрина, покажи ни ја нам бедните твојата милост, отвори ни го недопреното богатство на твоите свети мошти, за кога ќе ги видиме да Го прославиме Бога, Кој тебе те прославил! И покажи ни ја твојата голема вера и уште поголемата смелост на твојата светост!
Наеднаш блесна светлина како молња и го покажа гробот каде што лежеше неговото преподобно тело, земјата се стресе и целата област се исполни со мириси од разновидни цвеќиња. Игуменот и сите кои беа со него многу се исплашија зашто светол облак ги осени, па сите со љубов и умиление дојдоа и пролеаја топли солзи, се поклонија на неговиот чесен гроб, зедоа во рацете од неговата прашина и запеаја пофални песни на Бога и на Неговиот угодник:
„Радувај се, ученику на пустината! Радувај се, одобение на монасите! Радувај се, пофалбо на преподобните! Радувај се, светлино на незалезното Сонце! Радувај се, Јоакиме Преподобен – небесен човеку и земен ангелу! Кој човечки ум ќе може достојно да те пофали и какви песни да запее на твоето Преподобие? Преподобен оче, не престанувај да се молиш за твоите слуги, за и ние грешниците, откако ќе ја надминеме краткотрајната суета на овој свет, да те најдеме како наш предан молитвеник на денот на страшниот суд пред Бога!“
Такви пофални песни му пееја браќата со игуменот на преподобниот. По откривањето на чесниот гроб црквата беше завршена и игуменот со своите браќа служеа божествени служби во слава и чест на преподобниот отец.
Извадок од житието на Преподобен Јоаким Осоговски